Средба Џафери - членови на ЕП: Изборите ќе го одредат правецот на движење на Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска во Владата се сретна со делегацијата на Европскиот парламент за набљудување на изборите.  

На средбата беа потенцирани сеопфатните чекори кои беа преземени за изборниот процес да се одржи на демократски, фер и транспарентен начин. Премиерот Џафери истакна дека првиот круг од претседателските избори, помина во мирна и демократска атмосфера, и дека за вториот круг на претседателски и избори за пратеници во Собранието, се преземени сите мерки за тие да поминат во иста таква атмосфера.

Претседателот на Владата, Џафери, ги запозна присутните членови на Делегацијата на ЕП дека оствари координативни средби со ДИК, МВР и со Јавниот обвинител, чие непречено и ефикасно вршење на работата е од суштинска важност за изборниот процес.

Соговорниците на средбата споделија став дека овие избори, нема само да определат кој ќе биде на власт во Северна Македонија, туку ќе ја одредат иднината и правецот на движење на државата.

Соговорниците истакнаа дека Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија и конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан.

Премиерот Џафери на средбата истакна дека, Владата е фокусирана на активностите за успешно реализирање и ја усвои ажурираната верзија на нацрт Реформската агенда, со мерки и чекори и истата е споделена со Европската комисија.

На средбата беше истакнато дека, за Северна Македонија, е од големо значење да не бидат залудни постигнатите резултати од претходните години и во оваа насока, поддршката на про-европските сили во земјава е од голема важност.