Премиерот Заев на отворање на оддел за трауматологија во ГОБ 8 Септември: Сите заедно ќе креираме политики за натамошно унапредување на нашиот здравствен систем

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска присуствуваше на отворањето на новиот оддел за трауматологија при Градската општа болница „8 Септември“.

 

Искажувајќи го своето задоволство од условите коишто ги нуди, Премиерот Заев посочи дека одделението располага со вкупно 22 болнички и 2 операциони сали во кои годишно ќе се изведуваат и до 2 илјади операции.

 

„Дел од работата на одделот ќе биде и постојана медицинска едукација на доктори специјалисти, како и доктори на специјализација од областа на ортопедија и трауматологија, од универзитетите од земјава, но и од странство.

 

Ова, почитувани, значи дека не само што се зголемуваат капацитетите на градската општа болница, туку бенефит ќе има и за целокупниот здравствен систем“, рече Премиерот Заев.

 

Новото одделение за трауматологија во ГОБ „8 Септември“ се отвори во пресрет на еден од најважните датуми во историјата на Република Македонија, Денот на независноста.

 

„Чувствувајќи го значењето и одговорноста кон 8 септември, вработените во оваа болница, но и граѓаните на Република Македонија ги уверувам дека сите заедно ќе креираме политики за натамошно унапредување на состојбата на здравствениот систем.

 

За остварување на оваа цел, секако имаме поддршка и од Европската Унија. Годишно ЕУ за Македонија издвојува 90 милиони евра односно 260.000 евра дневно.

 

Оваа финансиска помош со зачленување на земјата во големото семејство ќе порасне неколкукратно. И тогаш не само нови одделенија, ќе отвораме нови болници, тогаш ќе има повеќе средства во буџетите на болниците, повеќе пари за современи лекови, а производ од сето тоа ќе бидат уште позадоволни пациенти“, додаде Премиерот Заев.  

 

Министерот за здравство, д- р Венко Филипче, истакна дека новиот оддел за трауматологија е само дел од огромните инвестиции на Владата на Република Македонија во опрема, кадар и едукација на докторите. Министерот Филипче додаде дека според капацитетите на одделението, тоа може да се мери со современите европски здравствени установи.

 

„Овие историски моменти кога нашата земја фаќа чекор со евро  - интегративните процеси, имаме уверување од Европската Комисија дека ќе има посебен сектор за здравство, којшто ќе инвестира Европската Комисија од 2020-та или од 2021-вата година“, додаде министерот.

 

Директорот на „8 Септември“, во својата изјава за медиумите истакна дека градската општа болница ги следи последните трендови и дека проектите коишто се во тек, или коишто допрва ќе се реализираат, се исклучиво во насока на обезбедување на подобри услови за пациентите.

 

На свечениот собир во болницата по повод „8 Септември“, Премиерот Заев на вработените им го честиташе деветтиот патронен празник, како и денот на независноста, „8 Септември“.