Премиерот Заев со шефот на холандската дипломатија Блок: Исполнувањето на конкретните и одржливи резултати во реформите го отвора патот на Македонија кон Европската унија

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров и своите соработници, денеска, се сретна со делегација на Кралството Холандија, предводена од министерот за надворешни работи, Стеф Блок, со кој разговараше за важноста на големата историска одлука, пред којашто се исправени граѓаните на Република Македонија, претстојниот Референдум на 30-ти септември, како и реформските процеси во земјата за исполнување на евроатлантските интеграции. 

Премиерот Заев, посакувајќи му добредојде на холандскиот министер потенцираше дека неговата посета се случува во историски период за Македонија, за време на кампањата за Референдум, со кој е заокружен неколку деценискиот спор со Грција и кога граѓаните на Република Македонија ќе имаат можност слободно и демократски да го изразат својот став.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев искажа благодарност за континуираната поддршка во градењето на нашата земја како европска и демократска и изрази уверување дека Владата останува фокусирана на обезбедување на конкретни и одржливи резултати во правец на реформите во областа на судството, безбедносните служби, јавната администрација, слободата на говорот и обезбедување на подобрување на условите на медиумите,  за функционирање на независни медиуми, како и продолжување на напорите за интензивирање на борбата против корупцијата.

Истакнувајќи, дека Македонија има направено огромни чекори на патот кон стабилноста на државата, шефот на холандската дипломатија Блок на премиерот Заев му честиташе за постигнатиот Договор со Грција, оценувајќи дека со него е отстранета последната формална пречка за почеток на пристапните разговори за членство на Македонија во НАТО, со што двете земји го зацврстија патот на пријателството и за зголемена соработка за доброто на граѓаните.

Истовремено, министерот Блок ја пренесе поддршката која континуирано ја дава пријателска Холандија, акцентирајќи дека  таа е базирана исполнувањето на условите и имплементацијата на реформите, кои, како што подвлече, се клучни кон отворањето на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

Двајцата соговорници се согласија дека почитувањето и практицирањето на политиката на добрососедски односи и соработка ја подобрува и сликата на целиот регион и отвора можност за просперитет на сите земји од западниот Балкан.  

На состанокот се разговараше и за подобрување на билатералната соработка помеѓу Холандија и Македонија која веќе се одвива во рамките на неколку проекти. 

Беше заклучено дека исполнувањето на условите на Македонија за влез во НАТО  и пристапувањето во европската заедница ќе даде дополнителен импулс за стопанскиот развој и ќе испрати порака до инвеститорите дека е земја интересна за бизнис перспектива.