Потпишани договори за нови инвестиции во преносната мрежа на АД МЕПСО во висина од 18 милиони евра

Денеска во Владата на Република Македонија, во организација на АД МЕПСО се одржа настан посветен на потпишување договори со 5 реномирани компании за нови инвестиции во преносната мрежа со којашто управува операторот на електро преносниот систем на Република Македонија АД МЕПСО, во вкупен износ од 18 милиони евра. 

Станува збор за модернизација и возобновување на преносната мрежа со што ќе се обезбеди стабилно и квалитетно снабдување со електрична енергија за граѓаните и бизнисот на долг рок, и ќе придонесе кон енергетски и економски развој на земјата. 

На настанот свои обраќања имаа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на АД МЕПСО, Сашо Василевски.

„Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во висина од 18 милиони евра во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија. Истовремено со реализација на овие нови инвестиции на АД МЕПСО ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса која ја добива АД МЕПСО“, порача премиерот Заев.

Заменик претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев истакна дека електро преносниот систем, односно МЕПСО е крвотокот на електро енергетиката во Република Македонија. 

„Квалитетниот преносен систем, значи стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на граѓаните и на стопанството“, нагласи Анѓушев и додаде дека тоа е единствениот услов кој треба да се запази за да се обезбеди одржливост на енергетскиот систем, а преку овие договори тоа и се овозможува. 

Далекуводите кои се изградени пред 50-60 години, како и трафостаниците кои се исто така застарени, а се од особено значење за пренос на електрична енергија, ќе бидат обновени со нова опрема, со што ќе се обезбеди сигурност за снабдување на електрична енергија за сите граѓани.
 
„Реализацијата на договорите кои денес се потпишуваат, ќе се одвива преку заем од ЕБОР, кој е земен уште во 2013 година. Станува збор за вкупни средства во висина од 23 милиони евра, од кои многу мал дел досега се реализирани, а денес се потпишуваат договори за вкупно 18 милиони евра. Минатата влада го земала заемот во 2013 година, во меѓувреме плаќала интер-каларни камати, а не реализирала проекти. Во последната година новото раководство на МЕПСО, ги ретендерираше сите проекти, кои беа заглавени и не имплементирани. Со ова се покажува посветеноста на раководството на МЕПСО и на Владата кон реализација на електроенергетските проекти во Република Македонија. Поддршката ќе биде континуирана, со новиот Закон за енергетика се овозможуваат инвестиции во обновливите извори на енергија и сакам да најавам дека кон крајот на 2018 ќе се распишат транспарентни тендерски постапки за изградба на фотоволтаични и ветерни електро централи“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.
 
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека инвестициите во електро преносниот систем на Република Македонија се од клучно значење за севкупниот стопански развој на државата.

„Министерството за транспорт и врски како акционер, активно ќе учествува и ќе го поддржува АД МЕПСО во сите стратешки и оперативни активности во насока на реализација на предизвикот кој стои пред сите нас, а тоа е транзиција на преносните мрежи во паметни мрежи односно популарната дигитализација, со што ќе се зголеми ефикасноста на преносните системи“, истакна министерот Сугарески.

Директорот на АД МЕПСО, Сашо Василевски зборуваше за значењето на овој голем инвестициски проект во преносната мрежа и за следните планови на АД МЕПСО.

„Денеска за мене и за мојот тим е голем ден. Затоа што на овој ден добиваме признание за нашата тимска макотрпна и посветена работа. Правиме важен исчекор за подобрување на стабилноста и доверливоста на електро преносниот систем.  Испорачуваме резултат“, порача директорот Василевски.

Компании коишто денеска потпишаа договори за реализација на инвестиции од 18 милиони евра во преносната мрежа се „Далековод“ и „Кончар“ од Република Хрватска, „Енергомонтажа“ од Република Србија, „Бенинг ПСАМ“ од Република Македонија и „Доко“ од Република Албанија. 


Премиерот Заев за новите инвестиции во преносната мрежа на АД МЕПСО: Граѓаните и компаниите ќе добијат сигурност, стабилност и квалитет во снабдувањето со електрична енергија на долг рок

Денеска во Владата на Република Македонија се одржа настан на којшто се потпишаа договори за нови инвестиции во преносната мрежа со којашто управува АД МЕПСО во вкупен износ од 18 милиони евра. По тој повод Премиерот Зоран Заев имаше обраќање во кое истакна:

„Денеска е особено важен ден за модернизацијата и возобновувањето на преносната мрежа во електроенергетскиот систем.

Граѓаните и компаниите ќе добијат сигурност, стабилност и квалитет во снабдувањето со електрична енергија на долг рок.

Со денешното потпишување на договорите МЕПСО како оператор на електро преносниот систем на Република Македонија ќе изгради над 100 км нова далекуводна мрежа, 4 нови далекуводи на постоечки траси, ќе се модернизираат 4 трансформаторски станици со примарна и делумно со секундарна мрежа и ќе се инсталира нова опрема на 4 трансформаторски станици на 4 хидроцентрали.

Она што е важно е дека дотраената стара преносна мрежа ќе се заменува со нова, односно ќе се заменат далекуводи стари над 50 години со нови. Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во висина од 18 милиони евра во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија.

Истовремено со реализација на овие нови инвестиции на АД МЕПСО ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса која ја добива АД МЕПСО.

Имплементацијата на новиот Закон за енергетика, а денешната активност е токму тоа,  дава позитивни резултати. Македонија ги спроведува реформите во енергетскиот сектор со процент над просекот на Енергетската заедница. Просекот на енергетската заедница е 43%, додека на Македонија е 50%.

Енергетскиот систем во Република Македонија функционира одлично. АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО прикажуваат подобри резултати од претходно. АД ЕЛЕМ ги намали трошоците за производната цена на електрична енергија.

Треба да бидеме задоволни од ваквите резултати и да продолжиме да работиме уште по посветено.

На самиот крај комплименти до директорот и до НО И УО за спроведените постапки на транспарентност. Драго ми што имаме вака реномирани компании коишто ќе учествуваат во имплементацијата на вака значајни проекти. 
дозволете ми да изразам огромна благодарност на нашите пријатели од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) што го следат и понатаму економскиот и енергетски развој на Република Македонија.

На компаниите изведувачи им посакувам успешна работа и реализација на проектите со лесно и со задоволство во работата!“