Средба на министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска со амбасадорот на Франција, Кристиан Тимоние

 

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денес оствари средба со амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристиан Тимоние.

 

На средбата стана збор за можностите за унапредување на економската соработка и трговија помеѓу двете земји, за која се констатира дека има простор да се зголеми во иднина.

 

Амбасадорот истакна дека регионалното помирување на Балканот е позитивен сигнал за француските компании да го возобноват интересот, својот капитал да го насочат и инвестираат во регионот, вклучително и во Македонија.

 

Амбасадорот Тимоние изрази интерес за стратегијата која Владата ја има во пристапот за привлекување на странски инвестиции.

 

Министерката Апостолска се осврна на Планот за економски раст на Владата и притоа истакна дека во привлекувањето на нови инвестиции ќе се понудат подеднакви можности за домашните и странски компании да добиваат бенефиции од државата, притоа нагласувајќи дека една од целите ќе биде и воспоставувањето на трајна деловна соработка помеѓу нив.

 

Истакнувајќи ја транспарентноста на процесот таа го информираше амбасадорот дека во стратегијата за привлекување на странски инвестиции се предвидува рационализација на целокупниот процес со активирање на потенцијалот на економската дипломатска мрежа за промовирање на инвестициските потенцијали на Република Македонија.

 

„Владата ќе продолжи со економска промоција на земјата преку воспоставување на ефикасен систем, со јакнење на дипломатските претставништва и структурирана трансформација на досегашниот гломазен административен апарат“, рече Апостолска.

 

На средбата стана збор и за можноста за формирање на француско-македонска стопанска комора, како форма на организирано поврзување на француски и македонски компании, а со цел интензивирање и продлабочување на бизнис релациите помеѓу двете земји.