Активирани мерките против аерозагадувањето во град Скопје

Владата на Република Македонија, почнувајќи од денеска (понеделник, 08.01.2018) ги активира мерките за ублажување на последиците од аерозагадувањето во градот Скопје.

Мерките се активираат по добиените информации дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над дозволеното, односно над 200μg/m3 на мерните станици во Град Скопје, односно мерните станици Лисиче и Ректорат.

Во продолжение, мерките кои треба да ги преземат надлежните институции: 

Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство се должни да:

- Ги oслободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, лицата со прележан инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста;

- Да се реорганизира работното време, лицата на отворено да работат од 11 до 17 часот;

- Да ја спроведат забраната за одржување на спортски натпревари и други манифестации на отворено;

- Да обезбедат услови за зголемени активности на службата за брза помош, домашната посета и патронажната служба;

Министерството за внатрешни работи да ја активира и да ја спроведе:

- Одлуката и контролата на веќе воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР (да се користи обиколницата);

Единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат:

- Издавањето на одобренијата за дотур на роба во забранети зони за сообраќај со важност до 7:30 часот;

- Обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18:00 часот;

- Да се обезбеди или бесплатен јавен превоз или намалување на цената на билетот на градскиот превоз во период на неповолни климатски услови, што би било поттик за граѓаните за користење на јавниот градски превоз;

- Да се зголеми фрекфенција на автобуси на ЈСП на сите дестинации;

- Дневно чистење на улиците и пешачките површини;

- Да ги зголемат инспекциските контроли на градилиштата, на ракувачите со отпадни масла и сервисите што работат на промена на масла;

Владата на Република Македонија:

- Ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на ЕЛС да ја ограничат (до 50%) употребата на службените возила;

Градежните компании имаат обврска:

- Да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште итн.);

- Градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.

 

 

Прогноза за температурна инверзија и појава на магла - 08.01.2018

Ќе продолжи периодот на стабилно и претежно суво време. До четврток најчесто ќе дува слаб јужен ветер поради што по котлините ќе има појава на температурна инверзија. Најизразена инверзијата ќе има во периодот од вторник до петок.

Утре, а потоа и во периодот до четврток ќе има и појава на магла, а некаде и ниска облачност по долините и речните долини.

Во овој период на североистокот и во Скопско, од вторник кон среда ќе има малку поизразено струење, па преку денот маглата ќе слабее, но се очекува условите за магливо време и понатаму да останат.

Дневната температура во местата со магла ќе остане пониска, а во останатите ќе се задржи релативно топло преку денот за овој дел од годината.

Од среда попладне се очекува зголемена облачност и услови за појава на слаб дожд, некаде на југот. Значителна промена на времето се очекува од петок преку денот и ќе биде проследена со умерен северен ветер и врнежи од дожд, а на планините од снег. Позначително спуштање на температурата ќе се почувствува во сабота.