Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи 53-та редовна седница

На денешната седница на Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, ќе се разгледа информацијата за ревидиран Акциски план за вработување на млади 2016-2020 година, информацијата за имплементација на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост 2010-2020, како и информацијата за имплементација на Гаранција за млади (прва фаза 2018-2019 година) акцискиот план за имплементација на Гаранција за млади во три пилот општини во 2018 година.

На дневниот ред на денешната владина седница ќе се најде и Предлог-национална програма за развој на земјоделството и рурален развој за период 2018-2022 година, како и Финансискиот план и Годишната програма за работа на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството за 2018 година.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата, за потребата од воспоставување на единствениот комуникациско-информативен систем со единствениот европски број за итни повици во Република Македонија, како и предлог-уредбата за утврдување на оперативните постапки за меѓусебна комуникација, координација и постапување на субјектите во системот за управување со кризи.

На денешната седница ќе биде разгледана Предлог-одлуката за формирање на Совет за управување со јавни финансии на предлог на Министерство за финансии.

Како материјали за информирање на Владата, меѓу другото, денеска ќе ја разгледа информацијата за изградба на центар за деца со аутизам во Скопје и Годишната програма за работа на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи за 2018 година.

Категорија: