Премиерот Заев се сретна со Канцеларката Меркел: Успешната приказна на Република Македонија треба да продолжи и оваа година со храбри одлуки што треба да дојдат од ЕУ и НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во придружба на Заменикот претседател во Владата на РМ задолжен за европски прашања Бујар Османи и Министерот за надворешни работи Никола Димитров, на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, денеска оствари средба со Канцеларката на Сојузна Република Германија Ангела Меркел.

Премиерот Заев на средбата ја истакна исклучителната соработка и искрената поддршка на Сојузна Република Германија во сите политички процеси на современа Република Македонија.

Република Македонија со активности на прогресивните политички сили во земјата направи квантен скок и од „заробена држава“, се врати на патот на демократските процеси за реформи во земјата и за интензивирање на евро-атлантската агенда.

Премиерот Заев подвлече дека големата поддршка на граѓаните за аспирациите на земјата за членство во ЕУ и НАТО говори дека земјата нема друга алтернатива и дека тоа потврдува дека граѓаните на Република Македонија делат исти европски вредности и дека заслужуваат индивидуална проценка за напредокот врз основа на постигнатото.

Премиерот Заев истакна дека е убеден дека СР Германија ќе ја посвети својата поддршка за датум за преговори на претстојниот Самит на Европскиот Совет во јуни, и дека се надева дека на поддршката на Канцеларката Меркел во разговорите со останатите премиери на земјите членки на ЕУ. 

На средбата уште еднаш беше реафирмирана досегашната исклучително плодна соработка меѓу Република Македонија и СР Германија, која во изминатата година се потврди со вкупната трговска размена во висина од 3,6 милијарди евра.

Премиерот Заев на средбата со Канцеларката Меркел ја издвои како особено значајна за регионот иницијативата Берлински процес, од која произлегуваат голем број проекти за економско и останато поврзување на земјите од Западен Балкан, кои, истовремено, ги подигаат капацитетите на земјите од регионот во приближувањето на нивните стандарди до оние на ЕУ.
 
Премиерот Заев и Канцеларката Меркел разговараа и за можните последици доколку регионот и Република Македонија не ги добијат заслужените признанија и доколку се успорат процесите за интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Такво сценарио ќе ги закочи реформските процеси, ќе ги охрабри ретроградните политички сили и ќе отвори простор за инволвирање трети страни што може да предизвика нарушување на стабилноста.

За да се елиминираат овие можни закани, успешната приказна на Република Македонија треба да продолжи и оваа година со храбри одлуки што треба да дојдат од ЕУ и НАТО.