Премиерот Заев на Самитот на ЕУ за Западен Балкан: Регионот добива заслужено место на европската сцена, со премиерот Ципрас решаваме спор за да го зајакнеме достоинството и идентитетот на граѓаните во двете земји

MK

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска одржа прес конференција на завршницата од Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што се одржа во Софија, Република Бугарија.

 

 

На конференцијата за новинарите премиерот Заев истакна дека,по пауза од 15 години од првиот Самит во овој формат, одржан во Солун, денес во организација и со сериозен ангажман на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ, регионот Западен Балкан и Република Македонија повторно имаат место на европската сцена.
 
„Денешното заедништво на сите лидери од ЕУ и сите лидери од Западен Балкан укажува дека уште посилно се поврзуваме и дека вратите на ЕУ се отворени за нас.Го поздравуваме апелот на ЕУ до нашиот Регион да покажеме дека членството во Унијата е генерациски избор и стратешка ориентација. Истовремено, очекуваме ист однос и од земјите членки на ЕУ кон нас“, истакна на прес конференцијата Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев.
 
Премиерот Заев пред новинарите нагласи дека изминатиот период посветена и фокусирана енергија била посветивме на отворените прашања со соседите, и дека потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија и продлабочувањето на релациите со Грција, ја сменија перцепцијата за Република Македонија и како сосед.
 
За средбата со премиерот на Република Грција, пријателот на Македонија, Алексис Ципрас, премиерот Заев нагласи дека заеднички е констатиран досегашниот напредок којшто е постигнат во процесот на изнаоѓање решение за спорот околу името на нашата држава.
 
„Заедно со премиерот Ципрас разгледавме можни опции за креативни решенија, кои македонската страна ги презентираше во последната фаза од преговорите. Следуваат консултации во двете земји, со релевантните политички фактори. Од денес пријателството меѓу Република Македонија и Република Грција е уште посилно. Решаваме спор за да го засилиме, зајакнеме достоинството и идентитетот на граѓаните во двете земји“, потенцираше премиерот Заев на конференцијата за медиумите во Софија.
 
На оваа средба со претставниците на медиумите што известуваа од Самитот на ЕУ за Западен Балкан, премиерот Заев информираше и за борјните билатерални средби со шефовите на влади и на држави на ЕУ, и истакна дека на овие средби централна тема биле реформите на домашен план, ослободувањето на “заробената држава” со избори, како и за 25 годишниот спор околу името, како најтешките тегоби кои во целиот овој период ја влечеа Македонија надолу.
 
„Се соочуваме со нив и успеваме. Денес Македонија и граѓаните одат напред. Заедно зацртавме дека 2018-та ќе биде година на силни реформи и дека Македонија ја носиме во ЕУ, а со тоа Европа ја носиме во Македонија“, рече премиерот Заев на прес конференцијата.
 
На овие теми Премиерот Заев разговараше со Претседателот на Франција, господинот Макрон, со канцеларката на Германија, Ангела Меркел, кои го препознаваат лидерството кое го демонстрира Македонија и даваат поддршка за да се јакнат врските меѓу нас и ЕУ.
 
Сите овие наши пријатели, истакна премиерот Заев, вклучувајќи ги и премиерот на Холандија Марк Руте, премиерот на Австрија Себастијан Курц, премиерите на Шведска, Белгија и Естонија Стефан Лофвен, Шарл Мишел и Јури Ратас, со кои исто така имаше билатерални средби, безрезервно ја даваат својата поддршка, и оддаваат признание за постигнатото и ја охрабруваат Република Македонија да опстои на европска агенда.
 
„Нивните пораки се потврда за нашите перспективи. Тоа значи дека членството на Македонија во ЕУ гарантира силни институции и правна држава. Членството во Европското семејство за Македонија значи и забрзан економски развој, зголемена мобилност, поврзување и еднакви шанси за младите од Македонија со нивните европски врсници“, рече премиерот пред новинарите, и додаде дека Самитот на ЕУ во Софија покажа дека проширувањето на ЕУ, односно обезбедувањето на членството на Република Македонија во Брисел е реалност која ни е на дофат со континуитетот во исполнувањето на европските стандарди и со јакнењето на врските на Македонија и Западен Балкан, со Унијата.


Во рамките на прес конференцијата премиерот Заев одговараше на прашања на новинарите што ви ги пренесуваме во целост:
 
Медиуми: Рековте дека македонската страна доставила предлози, кои сега грчкиот премиер треба да ги достави до својата страна за да се разгледаат. Значи ли тоа дека сме дојдени до позиција кога Грција веќе не отстапува воопшто и дека нема отстапување од нивната позиција за промена на македонскиот устав и дека сега креативните решенија одат во насока Македонија да влијае на тој став?
 
Премиерот Заев:
Важно беше да ги потврдиме сите успеси што ги постигнаа министрите досега. Верувајте тие се големи и значајни. Кога ќе го поминеме до крај целиот процес ќе видиме колку се значајни. Ние разговаравме суштествено. Разгледавме неколку опции. Една од опциите е прифатлива за двете страни. Продолжуваме со консултации дома дали е возможно практично спроведување на таа опција низ институциите на системот. Ако е возможно, веројатно ќе имаме и решение.
 
Медиуми: Дали тоа значи дека имате решение за кое се очекуваат консултации за да се види дали тоа може да помине?
 
Премиерот Заев:
Ќе бидам прецизен и внимателен. После сето тоа што беше постигнато и што го потврдивме, дека стоиме зад тоа и како премиери, и дека тоа што е останато се неколку опции од кои утврдивме една која што може да биде прифатлива за двете страни. Но, јас сум Зоран, мојот партнер од другата страна е Алексис, и ние сме само луѓе. Мораме да видиме како тоа ќе биде спроведено институционално. Мораме да разговараме со претседателите на двете држави. Со другите лидери, со шефовите на опозициите за да разговараме за сите деталји.
 
Медиуми: Дали е можно одлагање на спорот за името за на есен?
 
Премиерот Заев:
Секако, не дај Боже, ако нема решение – ќе биде одложено. Она што е битно е дека ние изградивме пријателство и тоа пријателство е неповратно. Би било убаво решението што би било прифатливо за двете страни да биде утврдено уште сега, заради тоа што на крајот на јуни имаме самит на Европскиот Совет. Би било охрабрување за Европскиот Совет да донесе поволна одлука за нашата земја за датум за преговори. Во јули има Самит на НАТО за чие членство имаме отворена покана доколку го решиме ова прашање. Се разбира, ако е возможно. Ако не е возможно, ние продолжуваме понатака. Продолжуваме да бараме решение сѐ додека не се договориме. И вреди да продолжиме заради тоа што имаме опција која што може да биде прифатлива за двете страни. Ако тоа биде внатрешно, во двете земји прифатено, ќе биде и официјализирано.