Премиерот Заев на отворање на фабрика за производство на фотоволтаични соларни и фотоволтаични термални панели: Создадовме стабилен економски амбиент за нови иницијативи, се гордееме со вашата инвестиција

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска присуствуваше на свеченото отворање на фабрика за производство на фотоволтаични соларни модули и производство на фотоволтаични термални модули, прва од овој тип во Македонија на компаниите „ПИКСЕЛ Груп“ и  „СОЛАР-ЕТ“.

Потенцирајќи ја заложбата на Владата да создава стабилен  и поволен економски амбиент,  премиерот Заев изрази задоволство од новата домашна инвестиција, која придонесува за унапредување на процесот на производство на енергија од обновливи извори.

„Наша цврста определба во енергетските политики е да го зголемиме домашното производство на електрична енергија и да ги искористиме сите капацитети и природни потенцијали што ги имаме на располагање“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

„Нашата Македонија е земјата на сонцето - тој огромен природен непресушен извор на енергија и потенцијал со заедничка работа и влог мора да го направиме да биде еден од генераторите на економскиот раст. Македонско сонце за македонска енергија!“, порача премиерот Заев, кој при обиколка на производствените погони со притискање на старт копчето на машината за ламинација го означи почетокот на работата на фабриката.

„Во овие новоотворени производствени погони ќе се произведуваат фотоволтаични панели од кои понатаму ќе се произведува електрична енергија од сонцето и фотоволтаични термални панели за производство на електрична и на топлинска енергија,“ рече премиерот Заев потенцирајќи го придонесот што компанијата ќе може да го пружи во трансфер на знаење и креирање на нова конкурентска предност на домашниот и странскиот пазар.

Премиерот Заев додаде дека со новиот Закон за енергетика се започнува процес со кој Македонија се доближува до европските стандарди и се овозможува секое домаќинство да инсталира сопствена фотоволтаична централа на кровот од својата куќа и директно да произведува и користи електрична енергија добиена од сонцето.

„Ваквите високотехнолошки инвестиции кои отвораат работни позиции за млади висококвалификувани кадри посебно охрабруваат“, оцени премиерот Заев посакувајќи успешен старт на производството со порака Македонија на вакви начини, со иновации да се промовира на бизнис мапата во регионот, Европа и светот.

 „Пиксел Груп“ е првата фабрика во Македонија, лидер во иновации на производи за производство на електрична и термална енергија, односно за производство на фотоволтаични панели по европски и светски стандарди. Со современа производна линија, во која што скоро 80 проценти од целокупниот технолошки процес е комплетно автоматизиран, ќе се произведуваат 20МW годишно фотоволтаични панели со највисок квалитет,“ рече директорот Горан Паунов за домашната инвестиција која изнесува 5 милиони евра и каде се планира вработување на седумдесет стручни, висококвалификувани работници.

Паунов посочи дека доколку во Македонија до сега се инсталирани 18МW за последните десет години, групацијата  „Пиксел“ е во можност без проблем да произведе 20MW за една година.

Тој објасни дека доколку пазарот побара повеќе, со мала интервенција, за максимум три месеци може да го дуплираат капацитетот на 40MW на годишно ниво.