Сервисни информации

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник  на  РМ“ бр.21/98 и 18/07), 21 декември 2018 година (петок), Денот на настава на турски јазик е неработен ден за граѓаните припадници на турската заедница во Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на турската заедница во Република Македонија им го честита Денот на наставата на турски јазик.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за доставување на понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Се работи за повик наменет за неатрактивно земјиште, поточно од пониска класа и на поголеми надморски височини. Врз земјиштето не смее да има востановено право на закуп или плодоуживање, да биде предмет на тековни јавни огласи или денационализација. 

Целта на овој повик е да се стави во функција секоја педа земја, која може да овозможи добро производство. Со воведување на оваа олеснителна процедура им овозможуваме на сите заинтересирани со нивен пројавен интерес да добијат државно земјоделско земјиште и  на тој начин директно да се зголеми површината на обработено земјоделско земјиште.

Понудата се доставува за земјоделско земјиште на кое нема подигнато долгогодишни насади и кое во катастарот на недвижности е запишано со  катастарска класа 4, 5, 6, 7 и 8. Рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавата во дневните весници, односно од 12.12.2018 година. 

Јавниот повик се однесува на земјоделско земјиште во државна сопственост за сите катастарски општини во регионите Берово, Битола, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Крива Паланка, Кратово, Крушево, Куманово, Македонски Брод, Неготино, Охрид, Свети Николе, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Штип, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир.

Намената и времетраењето на закупот за кое се издава земјоделското земјиште во државна сопственост е за:
- подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,
- подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
- подигање на маслинарници за период до 50 години,
- одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години,
- ливади за период до 15 години,
- за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години,
- рибници до 20 години и
- спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години

Откако ќе се приберат сите понуди,  комисија формирана од страна на Владата на РМ ги разгледува понудите и донесува одлука за избор на најповолен понудувач, по донесување на одлуката министерот склучува договор со сите избрани понудувачи.

Доколку има двајца понудувачи за иста катастарска парцела, Комисијата врши избор на најповолен понудувач врз основа на критериумите утврдени во член 25-а и член 27 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.135/07, 18/11, 148/11, 95/12, 79/13, 87/13, 106/13, 164/13, 39/14, 130/14, 166/14, 72/15 и 98/15) и член 3 од Правилникот за поблиските критериуми за избор на најповолен понудувач на земјоделско земјиште во државна сопственост кое може да се даде во закуп и определување на големината на површината на земјоделското земјиште кое може да се даде во закуп („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/08, 26/12, 02/13,158/13, 110/15, 120/15 , 129/15 и 27/16) и тоа:

- оддалеченоста на местото на живеење, односно седиштето на понудувачот во однос на земјоделското земјиште кое се нуди на јавниот повик - 65 бодови;
- понудената годишна закупнина по хектар - 25 бодови и
- правниот статус на понудувачот - 10 бодови.

Јавен повик: http://mzsv.gov.mk/Events.aspx?IdRoot=1&IdLanguage=1&News=277
 

Министерството за труд и социјална политика информира дека врши исплата на долунаведените права за месец ноември 2018 година.

Права од социјална заштита:

  • Социјална парична помош
  • Паричен надоместок за помош и нега од друго лице (туѓа нега) 
  • Цивилна инвалиднина 
  • Мобилност и слепило 
  • Постојана парична помош 
  • Еднократна парична помош 
  • Парична помош на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа
  • Сместување во згрижувачко семејство
  • Парична помош за студирање 
  • Парична помош за згрижувач
  • Социјално домување
  • Азиланти домување
  • Социјална парична помош  за азиланти
  • Субвенции за електрична енергија

Права од детска заштита:

  • Детски додаток 
  • Еднократна парична помош за новороденче 
  • Родителски додаток за трето дете 
  • Родителски додаток за четврто дете
  • Единствен родителски додаток 
  • Посебен додаток-за месец 12/2018 година. 

Ве известуваме дека 8 Декември (Сабота), ќе бидат отворени даночните шалтери на Управата за јавни приходи за достава на е-ГДП-ПДД за 2018 година. Даночните шалтери ќе бидат отворени со работно време од 8,00 часот до 14,00.

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) објави оглас за ангажирање на 30 воспитувачи/ки за колегијална поддршка за подобрување на компетенциите на кадарот во градинките, нова програма којашто се спроведува во соработка со УНИЦЕФ, а е поддржана од Британска амбасада. На огласот којшто ќе трае до 14 декември годинава, може да се јават сите воспитувачи/ки и педагози од детските градинки кои се заинтересирани за унапредување и подобрување на квалитетот на раното учење и развој во градинките, а ги исполнуваат условите.

Воспитувачите покрај критериумите пропишани во огласот треба да поседуваат ефективни комуникациски вештини, да сакаат да се усовршуваат и да помогнат за професионалниот развој на други колеги и соработници, да имаат одлични организациски способности и да знаат како да ги мотивираат и инспирираат.

Програмата за подобрување на квалитетот на раното учење и развој во установите за згрижување и воспитание на децата се спроведува за прв пат во Македонија. Програмата ќе се пилотира во 7 градинки, и ќе бидат обучени 30 воспитувачи за колегијална поддршка.

Главната цел на програмата е дека безбедната околина во која растат и се развиваат децата не подразбира само безбедност на физичкиот простор туку и емотивно безбедна и сигурна околина која треба да ја обезбедат возрасните кои ги учат и поучуваат малите деца. За креирање на безбедна социјална средина потребни се знаења и вештини кои можат да ги подобрат и инклузивните практики во установите за деца.

Министерството за труд и социјална политика, освен што ги проширува капацитетите на градинките во Македонија, посветено работи и на јакнење на кадарот којшто се грижи за децата преку подобрување на неговите знаења, бидејќи научно е докажано дека за правилен развој на детето е многу важно раното учење.

Пријава нa конкурс за воспитувач за колегијална поддршка

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 8 декември 2018 година (сабота), ,,Св. Климент Охридски”, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Истовремено, Mинистерството за труд и социјална политика на сите граѓани на Република Македонија им го честита празникот „Св.Климент Охридски”.

Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кои се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. Применета на овие измени ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во Службен весник на Р.М.

Согласно ветеното во програмата за работа, Министерството за труд и социјална политика преку Владата на Република Македонија изготви законско решение со кое рударите ќе можат да заминат во старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, по ново ќе се пензионира на околу 50 години. Со овие законски измени се излегува во пресрет на долгогодишните барања на рударите и исправаме една голема неправда.

Со измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се овозможува на осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со ветените активности во делот на бенефицираниот стаж за што веќе е подготвена анализа со поддршка на Светска банка, а ќе се прави и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење.

До крајот на годинава земјоделците можат да достават барања за легализација на изградените објекти, фарми на градежно земјиште. Со измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, под надлежност на Министерството за транспорт и врски, рокот за легализација на дивоизградените објекти е продолжен за една година. Барањата за легализација треба да се поднесат во општините на живеење.

Продолжувањето на рокот е со цел да им се излезе во пресрет на големиот број на граѓани, вклучително и на земјоделците, кои досега не ја завршиле постапката за легализација. Досега бројот на земјоделските стопанства и чии што објекти се легализирани е исклучително мал и поголем број од истите ја немаат искористено можноста која ја имаше понудено законот. Нерегулираниот статус на објектите за земјоделска намена на градежно земјиште негативно влијае на можноста за модернизација и реструктуирање на земјоделските стопанства кои се занимаваат со сточарство и ги оневозможува стопанствата во користење на државната финансиска помош за земјоделството.

Можноста за легализација на фармите е од голема важност за земјоделците. Со стекнување имотни листови, самите фарми ќе добијат и финансиска вредност, која што земјоделците ќе можат да ја искористат за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на фармите. Воедно, со легализацијата ќе можат да остварат право за аплицирање за мерките од ИПАРД програмата и од Националните програми, што ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството.    

Според Законот за земјоделско земјиште, право за легализација имаат објекти за примарна обработка на земјоделски производи, односно градби наменети за одгледување на добиток и риби, за ветеринарно здравство и здравствена заштита на луѓе, за сместување на опрема за одржување на квалитетот на водата и животната средина, лаборатории, за преработка на примарни земјоделски и сточарски производи и риби, за сместување на опрема за следење на квалитетот и безбедноста на примарните сточарски и земјоделски производи и на производите добиени од нивна преработка, за сместување и одржување на земјоделска механизација, приклучна опрема и други превозни средства и опрема, настрешници, за складирање, физичко обезбедување, оградување на објекти за примарна обработка на земјоделски производи, прием, чување и пакување на примарни земјоделски и сточарски производи и храна за животни, за администрација поврзана со замјоделската дејност, резервоари за вода, продажен простор за производите добиени од земјоделската дејност, за времено сместување, исхрана, едукација, рекреација и продажба на производи за потребите на домаќинствата на лицата ангажирани во производството на примарни и преработени земјоделски и сточарски производи, за производство на вино, собирни центри за млеко, печурки и лековити растенија, кланички капацитети, за аутопсија на мртов добиток, крематориум за мртов добиток, пречистителни станици, за хидромелиоративни работи и градби наменети за уредување на земјоделското земјиште. 

Министерството за животна средина и просторно планирање ја информира јавноста дека од 14.11.2018 година инструментот за симултано мерење на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и до 2.5 микрометри (PM10/PM2.5) во Автоматската мониторинг станица Битола 2 е инсталиран и ставен во работен режим. По неопходниот период за стабилизација на инструментот и негово тестирање, од најмалку 24 часа, од 15.11.2018 година истиот е ставен во оперативен режим и со тоа податоците од извршените мерења се достапни и на веб порталот за квалитет на амбиентен воздух при МЖСПП, односно на http://air.moepp.gov.mk. 

Во изминатиот период мерењата на PM10/PM2.5 од мерното место Битола 2 беа оневозможени поради комплексен дефект на инструментот во гарантен рок и истиот мораше да се испрати до неговиот производител. По извршеното сервисирање и калибрација истиот е вратен назад на мерното место.

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07), 22 ноември 2018 година (четврток), Денот на Албанската азбука, е неработен ден за граѓаните припадници на албанската заедница во Република Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните припадници на албанската заедница во Република Македонија им го честита Денот на Албанската азбука.