Премиерот Заев на брифингот со новинарите: Блиску сме до решение, за идентитетските прашања, грчката страна покажува разбирање

Првиот круг прашања на новинарите не денешниот отворен брифинг на Претседателот на Владата на Република Македонија и на вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи со новинарите на тема „Економија, реформа и интеграција на Република Македонија“, баше посветен на разговорите за проблемот што Република Грција го има со нашето уставно име, како и на евро-атлантските интеграциски процеси.

Премиерот Заев беше запрашан да го коментира исходот од последната средба на министрите за надворешни работи во Охрид, особено во делот на отворените теми како што се временската рамка и прашања за иредентизмот.

Претседателот на Владата на РМ Заев истакна дека има напредок во преговарачкиот процес, дека има основа за оптимизаm кој што се негува по ова прашање.

„Еден поголем дел од работите се решени. Тоа ми дава право да верувам дека има исчекор, но треба да знаете и вие граѓаните дека тоа што е решено е со услов. Ќе се смета дека е договорено само ако има конечен договор. Така е договорен да тече преговарачкиот процес за да постигне заокружена, комплетна успешност“, рече премиерот Заев на брифингот со новинарите, и додаде дека сè уште не e решено прашањето за опсегот и не е решено името за меѓународна употреба.

„Во однос на прашањето за иредентизмот, грчката страна од нас сака потврда, а ние немаме проблем дека немаме територијални претензии, дека немаме намера да ја повредиме границата која што не разграничува и дека немаме намера да се мешаме во наследството на Грција. Останува да ги најдеме заеднички прифатливите формулации по ова прашање. Истовремено и ние бараме тие да не се мешаат во нашето наследство. Јас верувам дека тоа нема да ни отвори дополнителен проблем. Треба да се изнајдат механизми како тоа да се реши“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев нагласи дека во однос на прашањето за грижата за нашата дијаспора, Република Македонија со амандманот 2 од Уставот, и со членот 49 веќе го имаме покриено тоа прашање.

Во однос на темата временска рамка којашто беше разговара во Охрид на последната средба Димитров – Коѕијас, премиерот Заев истакна дека тоа е прашање кое се однесува многу повеќе на некои технички аспекти, како на пример кога би се одржал референдумот за конечното решение од преговорите.

Ова прашање се отвора и поради опцијата како да се постапи доколку на пример, во јуни Советот на Европа треба да носи одлука за добивање на датум за преговори, а преговорите не се завршени, или се делумно завршени.

„На пример, кога би бил тој референдум? Дали е врзан веднаш со постигање на договорот знаејќи дека ни требаат најмалку 40 дена за подготовка и реализација на референдумот. Или, пак, референдумот би се организирал на самиот крај, пред нашето конечно влегување во НАТО, или дури пред нашето конечно влегување во ЕУ. Затоа се разговара за временска рамка, во тие насоки“, објасни премиерот Заев.

Новинарите на денешниот брифинг се интересираа и за прашањето на опсегот на употреба на евентуално договореното, и дали опцијата ерга омнес, на која инсистираше грчката страна е сè уште во опција. Претставниците на медиумите, исто така се интересираа дали е затворено прашањето за идентитетот.

„Мене ме радува фактот дека за овие чувствителни прашања грчката страна покажува разбирање. И ред е тоа да го потврдам. Тоа е еден од првите позитивни моменти кои што се појавија. И премиерот Ципрас и министерот Коѕијас, на средбите со мене, покажаа разбирање за идентитетот. Идентитетот е чувство и тие не алудираат на промена на идентитетските прашања. Nationality е државјанствo, или citizensheep. Како да го дефинираме тоа во Република Македонија? Знаете дека имаме граѓани на Република Македонија од повеќе етнички заедници и државјанството, согласно новото име, кое што ќе биде за меѓународна употреба, ќе биде со коса црта, веројатно, маседониан. Значи би било веројатно, граѓани на Северна, Горна, Вардарска или слично со коса црта маседониан, најверојатно. За тоа се разговара“, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека очекува дека ќе бидат потврдени прашањата кои што веќе се прифатени во графите на Обединетите нации, како што е македонскиот јазик, со тоа што апсолутно сме подготвени да ги отстраниме сите елементи заради резервите на Република Грција за алудирање на ексклузива во историското наследство и слично.

„Во делот на опсегот на употребата, тоа е едно од нерешените прашања, кое е предизвикано од провокациите што дојдоа од политиките на претходната власт по однос на некои апекти на ова прашање. Од тука произлезе барањето за ерга омнес, односно едно име и за домашна и за надворешна употреба. Ние мислиме дека тоа треба да се разграничи, што е тоа за надворешна, што е за внатрешна употреба. Употребата на нашето име дома нема никакво влијание врз Грција. Нема никакви рефлексии врз Грција“, нагласи премиерот Заев, и додаде дека за да не се закочат преговорите околу било кое прашање, постојано се користи креативноста и аргументации за да се продолжат разговорите.

„Треба да имаме разбирање, заради тоа што на крајот можеме ние да се договориме, да се спогодиме, дури и на премиерско ниво, или на министерско ниво, но сето тоа мора да помине низ институциите во системот. И во грчкиот Парламент и во нашиот Парламент како ратификација на договорите. И убеден сум, ако бидеме доволно внимателни, ако бидеме доволно пријателски настроени и доволно креативни, ќе изнајдеме решение“, нагласи премиерот Заев

Како израз на тој пристап, со храброст и креативност, рече премиерот Заев, излеговме и со став којшто беше сфатен како исчекор, дека за мене како Премиер и за Владата е прифатливо име со географска одредница за меѓународна употреба и дека треба да се знае дека ние разграничуваме нешто што е факт, а тоа е дека историски постои Егејски дел, односно во Грција, или постои Пирински дел, делот во Бугарија и постои нашиот дел, кој што е Северен, Вардарски. Сме го учеле во учебниците.

„Не треба да бегаме ние од фактите, ако искрено сакаме да изнајдеме решение. Затоа е поразлично од било кога. Затоа сме отворени да разговараме, со желба и со оптимизам дека ќе успееме во ова. Преговарале многу Влади зад нас. Затоа сме и вака транспарентни, затоа што нема што да криеме. А болката ни е иста. Дали е тоа, во срцето и душата на Заев, на Мицкоски, на Али Ахмети, на било кој од политичарите, на крајот и на граѓаните на Македонија. Нас не боли дали ќе бидеме достоинствен и еднаков партнер, или ќе бидеме обесчестен, омаловажен, со помалку достоинство партнер. Тоа е важно. И јас сум среќен што грчката страна води грижа за тоа. И редот е и ние да водиме грижа за нивната страна, затоа што и нивното мнозинство во Парламентот е кревко“, истакна премиерот Заев.

Тој истакна дека очекува и опозицијата дека ќе му да даде поддршка на овој процес и дека тоа ќе биде гаранција дека никој нема да го доведе и во иднина ова прашање.

„Ако го решиме, вековно да го решиме. Оти ќе дојдат перспективи, ќе доаѓаат нови аспекти кои што ќе треба да ги решаваме. Македонија со Грција има многу билатерални договори кои што ќе треба да ги потпише, да ослободи текови на економски активности, пропулзивност на граѓаните и соработка од секој аспект. На тоа да се посветиме. Ако повторно оставиме нешто отворено, сето тоа ќе ни се рефлектира во идните посакувани перспективи на билатералните односи со Грција“, нагласи премиерот.

Новинарите прашаа кои се отстапките на Грција досега, и дали од таа страна има реципроцитет на отстапките од наша страна.

Премиерот Заев потсети дека веднаш после неговата средба со премиерот Ципрас во Давос се одлокира втората фаза од процесот за Договорот за асоцијација и стабилизација кој Македонија го има потпишано 2001 година, и тоа донесе отворање на нови структурни форми и механизми за пристап до европски фондови и иницијативи коишто ќе имат директна рефлексија кај граѓаните. Ни се отвори можноста за членството во Јадранско-јонската група, веќе почнаа активности во Грција за изнаоѓање на буџетски средства за да се доправи патот и граничниот премин Маркова нога во Преспанскиот регион што за граѓаните од Преспа ќе значи нов пазар за јаболката, нов проток на патници, можност за развој на туризмот со грчки туристи.

„Јас верувам навистина дека тие отстапки се едни од причините зошто позитивно се движиме. Јас сум секако оптимист и заради пријателство со Грција. Си ветивме прво како премиери, дека ни е должност да градиме пријателство, заради тоа што само така добро ќе им служиме на граѓаните. Премиерот Ципрас, е многу директен, многу отворен и многу пријателски настроен. Во тој дел и тој е политичар, излегува пред институциите, излегува пред граѓаните и не можам јас да не го земам тој аспект предвид кога разговарам со него. Заради тоа што и тој го зема аспектот дека разговара со мене. Пример, на прашањето кога бара уставна промена во Македонија, заради внатрешна употреба дури и на името, тој веднаш надополнува дека е свесен дека треба две третини и дека е свесен дека во Македонија нема поддршка за тоа. Но, истовремено сака да најде начин како тоа да го објасни во Грција“, истакна премиерот Заев.

Тој потенцираше дека сето ова е за да се обезбеди иднина за сегашните генерации и за идните генерации.

„Јас сум убеден дека Македонија може, по крупните прашања, вклучувајќи го и ова прашање, да застане заедно. Точно е, ние од СДСМ и коалицијата сме за Референдум, ДУИ не е за Референдум. Тоа е многу легитимно. Веројатно, ако дојде до тоа прашање ќе разговараме. И легитимно е така да биде. Тие имаат свои аргументи, ние свои. Тоа не е причина, за драма во коалицијата. Не е прв пат да имаме различни размислувања. Ги гледаме предностите, слабостите, и на крајот носиме заеднички прифатливо решение. Тоа го правиме и во партијата и во владата, а гледате дека и во Парламентот го правиме. Тоа е слободата и демократијата за која се залагаме сите и се надеваме дека ќе ги има и повеќе во Македонија“, рече премиерот Заев.

Во овој дел од дебатата на отворениот брифинг со новинарите се вклучи и Заменик претседателот во Владата на РМ одговорен за европски прашања Бујар Османи, и рече:

„Две работи што го карактеризираат овој процес во последните месеци се транспарентноста и инклузивноста. Мислам дека по однос на транспарентноста, овој настан денеска е без преседан, ваков директен разговор со јавноста во однос на прашањето на името, но и инклузивноста. Јас можам да ве убедам, дека нема информација во целиот процес на преговори, дури и најсензитивните, кои јас ги знам, а не ги знае Премиерот Заев, или господинот Ахмети па дури и што не ја знае господинот Мицкоски или господинот Иванов. Значи целосно транспарентен процес, дури и за најсензитивните прашања, бидејќи сметаме дека така се решава ова прашање“, рече Османи.

Во однос на референдумот за прашањето за името, Османи истакна дека Албанците и ДУИ имаат конструктивна улога во текот на целиот период за решавање на ова прашање.

„Внимателни сме на чувствителноста која ја имаат нашите македонски сограѓани кон ова прашање и се обидуваме така внимателно да реагираме. Ние, на крај би ја прифатиле одлуката на СДСМ за референдум. Меѓутоа, укажуваме на некои ризици. И тие ги правиме во една конструктивна дебата. Кои се тие ризици? Прво, дека ќе стане дневно политичко прашање. И можеби политичките партии кои принципиелно се за некои ставови и веруваат, под притисок на јавното мислење на дневната политичка борба, помеѓу партиите може да ги сменат ставовите.
Второ, Референдумите стануваат лесни за влијанија од надвор. И трето, дека може да предизвика референдум во Грција, кој што дополнително може да го искомплицира прашањето. Значи, тие аргументи се обидуваме да ги дадеме не како интереси на ДУИ, интереси на Албанците, туку како објективни размислувања, кои би биле ризиците од Референдумот. Меѓутоа, заради нашиот внимателен пристап кон чувствителноста која ја има прашањето, ние апсолутно на крајот ќе се согласиме и на таков став на СДСМ“, истакна Заменик претседателот во Владата на РМ одговорен за европски прашања Бујар Османи.

Во завршницата на оваа тематска дебата на отворениот брифинг со новинарите, премиерот Заев, нагласи дека евроинтегративните процеси се гордост на оваа влада и дека е направен сериозен исчекор знаејќи колку бевме заглавени на овие прашања.

„Каде бевме, а каде сме сега кога ја чекаме високата претставничка на ЕУ Могерини и комесарот Хан да дојдат и да ни ја донесат убавата вест. Ние имаме право и ја наговестуваме таа убава вест. После сите досегашни негативни или условени препораки, Македонија треба да добие кристално чиста препорака. И ја заслужуваме“, истакна Претседателот на Владата Зоран Заев на отворениот брифинг со новинарите.