Северна Македонија и Грција ги намалуваат цените во роаминг, Манчевски и Папас потпишаа меморандум за разбирање

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас, на денешната прес конференција потпишаа Меморандум за разбирање за намалување на цените во роаминг. 

Како што истакна министерот Манчевски, Договорот од Преспа не значи само решавање на политички проблем. Со потпишувањето на договорот, се отвораат многу перспективи за граѓаните и бизнисите од двете земји. Ова е првата билателарна иницијатива, а ќе следат и други.

„Утрово имавме работен состанок со министерот Папас, директорот на АЕК, Сашо Димитријоски и заменик директорот на Грчката комисија за телекомуникации и пошти, Спирос Пантелис. На состанокот заклучивме дека се отстранети сите пречки и дека постои политичка волја од двете страни за продлабочување на соработката. Се согласивме дека максималните цени на роаминг услугите треба да се намалат до нивото на оние цени што се применуваат во Европската унија. Со меморандумот се предвидува динамичко намалување на големопродажните и малопродажните цени во роаминг услугите. Наша цел е до почетокот на летната сезона, граѓаните на двете држави да ги почувствуваат првите намалувања на цените. Следниот чекор е целосно укинување на роамингот“, информираше министерот Манчевски.

„Многу сум радосен што сум веќе втор ден тука и што имавме можност да разговараме за иднината. Би сакал да потцртам дека имавме одлично гостопримство, што докажува дека сме стратешки партнери. Работа на владите е да го направат Договорот од Преспа договор за луѓето, договор кој произведува резултати којшто го подобруваат животот на луѓето и од двете страни. Договор којшто ги подобрува можностите за комуникација, за транспорт, економските можности. Драгиот пријател Дамјан кажа конкретни работи за Меморандумот којшто го потпишуваме денеска, сакам и јас да потврдам во име на Република Грција дека сме спремни да ги преземеме сите легални мерки, сите правни мерки и сите алатки, со цел граѓаните на двете земји многу брзо и пред туристичкиот период, да видат намалување во сметките за телекомуникација. Би сакал исто така да кажам дека е очигледно дека регулаторните органи од двете страни се спремни да ги стават во сила, да ги употребат законите, како што се изработени или доколку е потребно да се прилагодат за да се оствари овој Договор. Оваа посета беше многу корисна и имавме можност да разговараме и за многу други теми", потенцираше министерот Папас.

Северна Македонија веќе има искуство од придобивките кои произлегуваат од намалување на цените во роаминг. Склучувањето на спогодбата со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина покажа дека ваквите мерки придонесуваат за зголемен обем на сообраќајот на роаминг услугите, особено пристапот до мобилен интернет во роаминг. Се очекува дека истите ефекти ќе се постигнат и за корисниците кои ќе ја посетуваат Грција.