Од 134 седница на Владата: Усвоена информацијата за повлекување на премиерот Заев од местото Претседател на Советот за следење на реформите во правосудството; Се иницира постапка за изразување интерес за заем за изградба на новиот Клинички центар

Владата на Република Северна Македонија на својата денешна 134 седница, ја усвои информацијата со која Претседателот на Владата на РСМ, на своја иницијатива, се повлекува од местото Претседател на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022 година), и утврди дека оваа функција ја презема министерката за правда Рената Дескоска.

На денешната на седницата на владата беше усвоена и информацијата за постапката за изградба на Универзитетски клинички центар. Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Министерството за здравство да изготви барање за изразување на интерес за заем до финансиските институции, билатерални кредитори и странски комерцијални банки, за финансирање на изградбата на новиот Клинички Центар.

Во исто време го задолжи Министерството за здравство и Министерството за транспорт и врски за да ги дефинираат задолженијата и надлежностите на јавните претпријатија во Република Северна Македонија.

Приоритет на оваа одлука е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита што ќе обезбеди врвни услови за работа на медицинскиот кадар, за негов развој во струката. На овој начин ќе се обезбеди и беспрекорна услуга на граѓаните.

По спроведени анализи, а врз основа на студијата за изводливост на проектот за преместување на Универзитетски Клинички Центар, како и од податоците доставени од клиниките, предложен е концепт на интегриран објект кој би можел да се развива на пет нивоа со потребна квадратура од апроксимативни 102.000 м2 за потребните 1300 болнички легла, 20 операциони сали, 4 ангиогравски сали, 8 родилни сали и 65 амбулантни за специјалистичко консултативна дејност.

На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за креирање на политиките и спроведувањето на реформа во шумарскиот сектор во Република Северна Македонија.

Тргнувајќи од состојбите, како и од обврските од меѓународни договори и конвенции поврзани со заштитата на шумите и животната средина, кои влијаат врз шумарскиот сектор, се налага утврдување на приоритети и фокусирање на заштитата на шумите со интеграција на поширок контекст во кој заштитата, биодиверзитетот, грижата за природата и животна средина.

Владата на Република Северна Македонија го разгледа Извештајот за евалуацијата на пристигнатите понуди за доделување на концесија за вода за производство на електрична енергија од 22 мали хидроелектрични централи и донесе одлука за изменување на одлуката за започнување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија со која се продолжува рокот за донесување решенија до конечното усогласување на критериумите за доделување на концесиите.

Владата на РСМ денеска ја разгледа и усвои Информацијата за одржаниот состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација, и го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да номинира посебен тим задолжен за координација, мониторинг и известување во однос на реформите и да ја информира Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 31.05.2019 година.

На предлог на министерот без ресор за имплементација на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите во РСМ, Владата ја разгледа и усвои Информацијата со предлог Акциски план за развој на културата на Ромите согласно Стратегијата за Роми 2014-2020, и го задолжи Министерството за култура во своите годишни планови и програми да интегрираат активности од Акцискиот план за развој на културата на Ромите и за негова реализација да предвидат средства во буџетот.

Владата денеска го разгледа и усвои Извештајот за завршени преговори за склучување на Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Меѓународната организација за миграции (ИОМ) за соработка во областа на дијаспората.

Целта на овој Меморандум за разбирање е двете страни да ја продлабочат директната соработка преку советодавна поддршка за развој на политики и стратешки документи за дијаспората, за поддршка во ефективно ангажирање на дијаспората, и за градење на капацитетите на институционалните чинители кои имаат надлежности за прашања поврзани со дијаспората и за следење на напредокот и мерење на резултатите во областа на ангажирањето на дијаспората, како и за заедничко прибирање на финансиски средства за поддршка на проекти за дијаспората.

На барање на Собранието на Република Северна Македонија да даде мислење за Годишниот извештај за работата на Македонската радио телевизија за 2018 година, Владата на РСМ, врз основа на мислењето на Министерството за информатичко општество и администрација, подготвено во соработка со Министерството за финансии, утврди негативно мислење во однос на Годишниот извештај за работата на Македонската радио телевизија за 2018 година, ако се имаат предвид финансиските показатели за работењето на ЈРП Македонската радио телевизија за 2018 година, кои се негативни со утврдена загуба од 26 милиони денари.

Освен тоа, Владата утврди мислење дека ЈП Македонска радиотелевизија не ги исполнила професионалните и етички новинарски стандарди за обезбедување уредувачка независност, непристрасност и објективност во информирањето, што произлегуваат од Членот 111 од Законот за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и од препораките од извештаите на ЕУ за реформи за остварување на целосна независност на јавниот радиодифузен сервис.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за извршените преговори за склучување на Меморандум за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Министерството за здравство на Црна Гора за соработка во областите на здравството и медицината, и го прифати нацрт текстот на меморандумот за соработка.