Премиерот Заев и министерката за финансии Ангеловска со новинари од повеќе медиуми: Буџетот е ликвиден и реален, израз на крупните политики и храбри одлуки

Предлог-буџетот за 2020 година е реален и е израз за растот на економијата, која е основ за проекција на самиот Буџет, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вечерва на националната телевизија пред новинари и уредници од повеќе медиуми, во емисија посветена на буџетот за наредната година, заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска.

Посочувајќи дека растот на Буџетот се движи многу логично и реално без разлика дали следи изборна година, премиерот Заев оцени дека тоа е израз на крупните политики, како и на храбрите одлуки и интеграциските процеси во државата кои имаат сериозен импакт на економијата.

Премиерот Заев најави дека и оваа година е економска, за што говори и покачувањето на платите за одредени категории граѓани и оваа 2019 година, како и покачени партиципации за поддршка на домашни и странски инвестиции.

„Завршуваме прво полугодие со 3,6 проценти раст, во година кога имавме и претседателски избори, кога е очекувано да опаѓа растот. Напротив, очекуваме третиот квартал да има подинамично темпо на раст и развој во економијата, очекуваме оптимално ниво за да можеме да направиме една фер распределба на сите буџетски корисници, чинители и сектори во општеството, како што е човечкиот капитал и поддршката кон бизнис секторот. Сето тоа значи повисок економски стандард на нашите граѓани“, подвлече премиерот Заев.

Во врска со реалната проекција на Буџетот, министерката за финансии Ангеловска, како и премиерот, посочи дека приходната страна е проектирана земајќи го предвид и благото релаксирање на даночната политика која оди во прилог на приватниот сектор. Министерката додаде дека и покрај тоа што во мирување е ставено прогресивното оданочување, сепак постојат даночни олеснувања и ослободувања воведени со даночната реформа во 2019 година кои остануваат и даваат позитивен придонес.

„Мора да имаме предвид дека покачувањето на минималната плата ќе даде позитивен придонес на прибирањето на приходите. Од друга страна, растот на платите во економијата и од трета страна релаксираната даночна политика, по дефиниција обезбедуваат поголем број на даночни обврзници кои не бараат начини да ги избегнуваат плаќањата на даноците“, рече министерката за финансии.

Министерката Ангеловска додавајќи дека Буџетот е ликвиден, истакна дека транспарентното дебатирање и отворање на Буџетот низ дебати, потврдува дека заклучно со септември се остварени 75 проценти реализација на приходната страна што значи дека успешно се прибираат проектираните приходи.