Заев и Трудо: Како сојузници во НАТО ќе се заложиме за посилни пријателски односи и за зајакнување на економските врски меѓу Северна Македонија и Канада

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска оствари средба со премиерот на Канада Џастин Трудо.

На средбата со канадскиот премиер, на која присуствуваа и заменик претседателката во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во владата за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, беше поздравено скорешното полноправно членство на Северна Македонија во НАТО, како резултат на успешните реформи кои дојдоа со враќањето на демократијата во земјата и со засилување на евро-атлантските интеграциски процеси.

Премиерите Заев и Трудо низ разговорот на средбата ја афирмираа определбата на двете земји да градат посилни пријателски односи, сега и како сојузници во алијансата, и потенцираа дека и двајцата ќе се заложат за зајакнување на економските врски и на промоцијата на можностите за инвестиции на компаниите од бизнис заедницата на Канада во нашата земја.