Од 6-тата седница на Владата: Утврден колективниот договор со кој на државната администрација им се враќа К-15; Отпочнува постапката за ХЕЦ Чебрен; Утврден предлог за Закон за меѓународна соработка во кривичната материја;

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата и го утврди текстот на Гранскиот колективен договор на органи на државната управа, на стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, на судовите, јавни обвинителства, казнено - поправни и воспитно - поправни установи, на државното правобранителство, на единиците на локалната самоуправа, агенции, фондови и центри за социјални работи и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

Владата на Република Северна Македонија го овласти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да го потпише Гранскиот колективен договор со репрезентативниот синдикат УПОЗ.

Ова ќе биде прв Грански колективен договор за административните службеници и правосудните органи после 1995 година, со кој администрацијата се стекнува со право на К-15, дневници за трошоците за превоз и трошоците за ноќевање за службени патувања во земјата на кои до сега немаа право, се утврдува право на денови на платено отсуство заради лични и семејни околности и тоа до седум работни дена во годината, правото на неплатено отсуство, како и други права на работниците и обврски на работодавачите.

На оваа своја седница Владата ја разгледа информацијата и донесе одлука за отпочнување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна река (Чебрен).

Постапката ќе биде спроведена во две фази, и тоа фаза на претквалификација, со јасни критериуми кои ќе треба да ги исполнат домашните или странските компании, по што ќе следува втората фаза со покана за поднесување на понуди до квалификуваните понудувачи.

По завршување на првата фаза, Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од  хидроелектрични централи на Црна Река ќе организира отворање на пристигнатите понуди за претквалификација, по што ќе следи евалуација, после која до Владата на Република Северна Македонија ќе биде доставена предлог листа на квалификувани понудувачи кои ќе бидат поканети да подигнат тендерска документација и да поднесат понуди.

Тендерската документација со Договорот за концесија и Договорот за заедничко вложување ќе бидат доставени до Владата на одобрување. Во оваа фаза детално ќе бидат разработени условите и начинот на доделување на концесијата, начинот на престанок на концесијата и сите услови во согласност со Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Денеска беше утврден Предлог-закон за меѓународна соработка во кривичната материја, кој на предлог на Министерството за правда ќе биде доставен на усвојување во Собранието на Северна Македонија.

Со овој предлог за донесување Закон за меѓународна соработка во кривичната материја се уредуваат условите и постапката за меѓународна соработка во кривичната материја, која меѓу другото, опфаќа пренос на кривични постапки, екстрадиција и извршување на кривични пресуди и трансфер на осудени лица.

Министерството за информатичко општество и администрација денеска ја информираше Владата дека е во тек постапката за потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии и Мастеркард Јуроп СА (Mastercard Europe SA) за воспоставување услуга за дигитална идентификација во Република Северна Македонија.

Соработката со Мастеркард Јуроп има за цел да обезбеди дизајнирање и спроведување низа дигитални решенија, кои ќе се фокусираат првенствено на верификација и докажување на идентитетот и соработка во развивањето иновативни технолошки решенија од областа на дигиталниот идентитет, со што во Република Северна Македонија се воспоставува едно од првите интероперабилни решенија за дигитална идентификација во Европа.

На денешната седница на Владата е усвоена информација за реализација на Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2019 година. На повикот за финансиска поддршка за 2019 година пристигнаа вкупно 16 барања, од кои критериумите ги исполнија 12 медиуми на кои им распределени 43,9 милиони денари од предвидените 50 колку што беа предвидени и во Буџетот за 2018 година.

На оваа своја редовна 6-та седница, Владата донесе одлуки за давање на трајно користење на 38 пречистувачи за воздух, за потребите на детски градинки, основни и средни училишта и факултети во општините Струмица, Куманово, Аеродром, Битола, Илинден, Боговиње, Берово, Гази Баба, Гостивар, Могила, Охрид, Прилеп и Битола како дел од Програмата за чист воздух.

Денеска Владата ги усвои и програмите за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2020 година, како и програмата за изменување на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година.