Спасовски на донаторската конференција „Заедно за Албанија“ во Брисел: Владата на Северна Македонија и народот активно ќе учествуваат во координираната донаторска иницијатива за санирање и ублажување на последиците од трагичниот земјотрес

Владата на Република Северна Македонија и народот на нашата земја активно ќе учествуваат во координираната донаторска иницијатива за санирање и ублажување на последиците од трагичниот земјотрес – „Заедно за Албанија“ и за таа цел е формирана работна група со учество на претставници од релевантни институции, кои ќе изработат план за помош за обнова на земјата и за справување со последиците од земјотресите, порача претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски на донаторската конференција за Албанија во Брисел.

  Во своето обраќање на конференцијата во организација на претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на која освен земјите членки на ЕУ учествуваат и земјите од Западен Балкан, премиерот Спасовски истакна дека народот во Република Северна Македонија со голема загриженост го дочека утрото на 26 ноември минатата година и ги следеше информациите за трагичните последици од силниот земјотрес во Албанија во Драч и во околината на овој град.

Уште истиот ден, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување, да заминат за Албанија и да помагаат во координираните акции на спасувачките екипи на локалните власти.

„Во името на солидарноста како темел врз која се гради идејата за Европската Унија, Северна Македонија веднаш упати тимови за прва помош и спасување кои ги ставија на располагање сите свои капацитети, сите свои вештини за да помогнат да се спаси и да се згрижи секој човечки живот и болка. Тоа беше не само професионална должност, тоа беше човечки, солидарен одговор на секој поединец во спасувачките екипи за да им се помогне на луѓето, на нашите пријатели во Албанија во неволја“, истакна премиерот Спасовски.

Владата на Република Северна Македонија истиот ден кога се случи земјотресот донесе одлука да се издвојат шест милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија.

Спасовски нагласи дека Владата внимателно го разгледа Извештајот за проценката на штетите од земјотресот, подготвен од страна на Делегацијата на Европската Унија во Тирана, и дека е подготвена соодветно да одговори на потребите детектирани во извештајот и да се вклучи во континуираната поддршка и помош за санирање на штетите и за ублажување на последиците од земјотресот.

„Европската Унија, меѓу другото, е заедница на вредности. Една од тие темелни вредности е солидарноста, и оваа конференција потврдува дека земјите членки на Европската Унија, ја негуваат и афирмираат оваа вредност. Република Северна Македонија и Албанија не се земји членки на Европската Унија, но грижата што ја покажува Европската Комисија ги охрабрува владите и народите на овие две земји и им дава за право и охрабрување дека прифаќањето на европските вредности е сериозен влог во нивните аспирации еден ден да го остварат својот стремеж и да бидат рамноправни членки на Европската Унија“, рече Спасовски на донаторската конференција за Албанија во Брисел.

Своето обраќање пред Европската Комисија во Брисел, и пред претставниците на владите на земјите членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, Спасовски го заврши со пораката во името на народот на Северна Македонија, дека предлогот за новата методологија за процесот на проширување на Европската Унија, донесе нови очекувања, и дека во претстојниот период ќе ја дочекаме убавата вест од Брисел за старт на преговорите.


Спасовски: Солидарноста во Европа e темелот врз која се гради идејата за Европската Унија и останува ѕвезда водилка и за донаторската конференција „Заедно за Албанија“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска се обрати на донаторската конференција „Заедно за Албанија“ во Брисел, што ја организираше Европската Комисија заради санирање на штетите и за ублажување на последиците од катастрофалниот земјотрес во Албанија.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:

Ми претставува посебна чест и задоволство, во името на Владата на Република Северна Македонија и на народот на нашата земја, да земеме учество на оваа донаторска конференција за санирање и ублажување на последиците од трагичниот земјотрес – „Заедно за Албанија“.

Солидарноста во Европа e темелот врз која се гради идејата за Европската Унија. Солидарноста беше и останува ѕвезда водилка.

Народот во Република Северна Македонија со голема загриженост го дочека утрото на 26 ноември минатата година. Во текот на ноќта постојано доаѓаа информации за силен земјотрес во Албанија во Драч и во околината на овој град. 

Уште истиот ден, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука тимови составени од 42 припадници на републичките сили за заштита и спасување, координирани од Дирекцијата за заштита и спасување, да заминат за Албанија и да помагаат во координираните акции на  спасувачките екипи на локалните власти.

Нашите тимови добиваа комплексни задачи за прва помош и извлекување на настраданите граѓани во Драч, како и за санирање на штетите од катастрофалниот земјотрес. Ги ставија на располагање сите свои капацитети, сите свои вештини за да помогнат да се спаси и да се згрижи секој човечки живот и болка.

Покрај тимовите од обучени спасувачи, нашата Дирекција за спасување и заштита упати и механизација, специјализирана техничка опрема, амбулантно возило, медицинска и техничка опрема, како и најсовремена механизација која се користеше за да се дојде до преживеаните под урнатините и да се спаси секој човечки живот. 

Тоа беше не само професионална должност, тоа беше човечки, солидарен одговор на секој поединец во спасувачките екипи да им се помогне на луѓето, на нашите пријатели во Албанија во неволја.

Воедно, беа испратени неколку пратки хуманитарна помош од Црвениот Крст на Северна Македонија и од Министерството за одбрана.

Владата на Република Северна Македонија истиот ден донесе одлука да се издвојат 6 милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотресот во Република Албанија.

Почитувани,

Владата внимателно го разгледа Извештајот за проценка на штетите од земјотресот, подготвен од страна на Делегацијата на ЕУ во Тирана.

За да одговори на потребите детектирани во извештајот, Владата формираше работна група со учество на претставници од десет релевантни домашни институции, кои ќе изработат план за помош и поддршка на институциите во Република Албанија во насока на јакнење на капацитетите, развој на политики и инструменти од областа на нивното делување за обнова на земјата и за справување со последиците од земјотресите.

Почитувани,

Европската Унија, меѓу другото, е заедница на вредности.

Една од тие темелни вредности е солидарноста, и оваа конференција потврдува дека земјите членки на ЕУ, ја негуваат и афирмираат оваа вредност.

Република Северна Македонија и Албанија не се земји членки на Европската Унија, но грижата што ја покажува Европската Комисија ги охрабрува владите и народите на овие две земји и им дава за право и охрабрување дека прифаќањето на европските вредности е сериозен влог во нивните аспирации еден ден да го остварат својот стремеж и да бидат рамноправни членки на Европската Унија.

Го завршувам ова мое обраќање со апел да се исправи грешката од октомври минатата година, и на Советот следниот месец да го добиеме долгоочекуваниот старт на преговорите за членство во Унијата.

Да завршам со пораката што ја носам во името на народот на Северна Македонија, дека предлогот за новата методологија за процесот на проширување на ЕУ, донесе нови очекувања, и дека во претстојниот период ќе ја дочекаме убавата вест од Брисел.