Подобрувања на условите на мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен - со поголема флексибилност во условот за одржување на бројот на вработени, можност за комбинирање на мерката со мерката „50% субвенции на придонеси“ за најпогодените сектори и можност помошта да се трансформира во грант – неповратни средства.
Овие новости се во координација со Светска банка, која ќе финансира дел од мерката со заем од околу 50 милиони евра. Министерката за финансии Нина Ангеловска и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска на прес-конференција ја презентираа мерката за која работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да аплицираат од почетокот на мај, а видео обраќање имаше и директорот на Светска банка за Република Северна Македонија и Косово, Марко Мантованели.
Една од новостите е дека малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број на вработени минус 15%, средните до минус 10% и големите до минус 5% од вработените. Пред промената на овој услов тие беа обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули, односно два месеци по користење на мерката. Со воведувањето на овие проценти, повторно ќе се спречат отпуштања, но се зголемува опфатот на фирми кои ќе можат да аплицираат за мерката, а со тоа и да продолжат да функционираат. Ова е особено важно за микро и малите претпријатија.
Се излегува во пресрет и на најпогодените дејности од КОВИД-19, односно угостителството, туризмот и транспортот со дополнителна поддршка, така што се дозволува антикризните мерки „14.500 денари по вработен“ и „50% субвенција на придонеси“ да се комбинираат за овие дејности, доколку фирмите немале загуба за 2018 и 2019 година, не се на листата на должници на УЈП од март 2020 година и заклучно февруари не доцнеле со плаќање на обврски по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасување.
„Со ова тие ќе може да исплатат поголеми плати на работниците, бидејќи поддршката која ќе може да ја добијат изнесува и до 19.500 ден. Односно 14.500 ден од оваа мерка и по основ 50% субвенционирање на придонесите до максимум просечна плата околу 5.000 ден“, рече министерката за финансии Нина Ангеловска.
Трета нова поволност е можноста средствата кои фирмите ги земале преку мерката да им се трансформираат во грант, односно неповратни средства.
„Како што знаете и претходно компаниите кои би оствариле загуба во 2020, нема да ги враќаат средствата од помошта, односно доделените средства од државата ќе бидат неповратни за нив. Сега се проширува опфатот на мерката и со оние фирми кои се очигледно опфатени од кризата, односно со фирми кои последниве две години имаат добивка, кои не се на листата на должници на УЈП и кои до март месец годинава не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредит подолго од 90 дена од достасаноста, како и ако инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработени, надградба на процеси, продуктивен капитал. Средствата и за нив ќе се трансформираат во грант средства“, рече Ангеловска.
„Управата за Јавни приходи за оваа мерка го надгради својот систем со цел да им излезе во пресрет на сите работодавачи да може на брз и едноставен начин да аплицираат за оваа финансиска поддршка - 14.500 денари нето плата за секој вработен“, истакна Лукаревска.
„Сите Вие кои ќе побарувате финансиска поддршка за исплата на плати за Вашите работници, веднаш по завршување на овој месец, односно веќе од 1-ви мај поднесете Барање за финансиска поддршка - образец БФП-ИП до Управата за јавни приходи преку системот Е-даноци, најдоцна до 7-ми мај за исплата на платите за април, односно до 7-ми јуни за исплатата на платите за мај“, истакна Лукаревска и ги повика работодавачите да ги задржат вработените на своите работни места.
„Барањето, Управата за јавни приходи ќе го потврди во рок од 3 дена од денот на неговиот прием, а откако работодавачот ќе добие потврда од Управата дека барањето е комплетно, во образецот МПИН во полето 3.4б внесува шифра 5000 , за оние вработени за кои бара финансиска поддршка (односно исплата на плата од најмногу до 14.500 денари)“, објасни Лукаревска и додаде дека работодавачот истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на доход за што во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување, и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата кој ја внел во полето 3.4б односно шифрата 5000.
После обработката на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец и ја известува Владата за сите оние кои ги исполнуваат овие условите. Средства ќе се исплатуваат веќе од 10-ти мај за платите за април односно од 10-ти јуни за платите за мај.
Во видео обраќање директорот на канцеларијата на Светска банка во земјава Мантованели, истакна дека врз основа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислењата собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија биле дадени препораки за мерката за финансиска поддршка 14.500 денари по вработен, како и дека повеќето од препораките се вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата и неколку се дел од уредбата, која денес беше преставена.
„За да ги поддржиме нашите препораки за време на имплементацијата, понудивме мобилизација од не-алоцирани средства од проекти на Светска банка кои се веќе одобрени, за финансирање на мерката на Владата за субвенција на платите за неколку месеци, со тоа што тие треба да се насочат кон поддршката за добростоечки макро, мали и средни претпријатија, врз основа на лесно применливи критериуми. Таргетирањето го правиме, бидејќи веруваме дека тие претпријатија ќе бидат јадрото на економското закрепнување на земјата“, рече Мантованели.
Мерката е наменета за секоја фирма која има намалување на приходите од најмалку 30% во април и мај - во однос месечниот просек од 2019, месечниот просек од основање на компанијата или во однос на сезонскиот просек од последните 4 месеци спореден со сезонскиот просек од претходната година за фирми од специфични сезонски дејности. Фирмите не смеат да исплаќаат дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката и просекот на највисоките нето-плати на 10% од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.
Мерката се однесува за сите вработени освен за вработените со плата над 39.900 денари, за вработените за кои се користи ослободување од плаќање придонеси од проектот „Македонија вработува” и доколку работодавецот ја користи мерката од првиот сет на економски мерки за субвенционирање на 50% од придонесите, а фирмата не е од најпогодените дејности.