Спасовски: Нови 14 дена вонредна за да ги спроведеме сите мерки за справувањето со здравствената криза и со економските последици, како и за услови за одржување избори за функционално Собрание и нова политичка Влада

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, денеска учествуваше во работата на Советот за безбедност, свикан од претседателот на државата Стево Пендаровски, на која го презентираше извештајот на Владата за преземените активности на државните институции за справување со кризата предизвикана од корона кризата со предлог за прогласување вонредна состојба и во наредните 14 дена.

 

По состанокот на Советот за безбедност, премиерот Спасовски имаше изјава за медиумите, која што во рамките на ова соопштение, ви ја пренесуваме во целост:

На Советот за безбедност разговаравме за предлогот на Владата за прогласување вонредна состојба за нови 14 дена.

Клучен приоритет на Владата, на институциите, е зачувувањето на здравјето и животот на граѓаните. Сите мерки кои што до сега беа донесени беа во таа насока: Да се сочува животот и здравјето на граѓаните, да го обезбедиме функционирањето на здравството и на институциите, и да се сочува безбедноста, јавниот ред и мир во државата, и на тој начин да имаме механизми низ кои што ќе се справуваме со оваа состојба.

Не помалку важно е тоа дека мора да се справуваме и со економските последици од оваа криза и една од причините за барањето за нова вонредна состојба од 14 дена е и од причини што треба да носиме одлуки кои што ќе значат поддршка на третиот пакет економски мерки за рестартирање на економијата, за поддршка на граѓаните сѐ со цел полесно да го надминеме сето ова што ни се случува како последица од здравствената криза.

На основа на тоа, треба да се истакне дека во моменти кога партиите не можат да постигнат договор, институциите мора да ја преземат целосната одговорност и тоа беше и дебата на Советот за безбедност. Затоа сметаме дека овие 14 дена се период во кој треба да ги завршиме сите аспекти во делот со справувањето економската последици и со здравствената криза и за примена на сите мерки што ги презеде Владата за справување со пандемијата.

Треба да ни биде јасно дека со пандемијата ќе мораме да научиме да живееме и понатаму: Тоа не е нешто што ќе заврши во Северна Македонија, ниту во светот. Едноставно, секој од нас, секој граѓанин, мора да биде свесен, да има одговорност дека мораме да живееме со пандемијата, и согласно тоа да се подготвуваме во наредниот период за такво однесување.

Уште поважно е дека ние мораме да имаме институции кои што се функционални, институции кои што ќе функционираат, ќе носат одлуки во интерес на здравјето на граѓаните, во интерес на економијата.

Ние сме сега во ситуација кога немаме функционален парламент, имаме преодна Влада која што е формирана за одржување на изборите, и состојба која што сите нас не доведе во позиција да функционираме во услови на здравствена и економска криза. Затоа институциите мора да преземат одговорност и во делот на одржување на парламентарните избори и на тој начин да се стават во полн демократски капацитет сите институции со Собрание, нова политичка Влада, која што понатаму ќе ги преземе сите активности за справување со здравствениот аспект на кризата, како и со економските последици.

Сите анализи на нашите експерти и на Светската здравствена организација велат дека ова ќе трае, може да добива на интензитет на есен или во текот на зимата, и затоа ние не смееме државата да ја оставиме без институции кои што ќе функционираат во полн капацитет. Тоа е неодговорно кон граѓаните, кон здравјето на граѓаните, тоа нема да биде одговорно ниту пред економијата, и затоа ова е нешто како неминовност што треба да го преземат сите институции.

Апелирам до граѓаните уште еднаш да ги почитуваме сите мерки и препораки. Важно е да се одржува физичката дистанца, да се носи заштитна опрема, да ги почитувам протоколите кои што ги донесе Комисијата за заразни болести кои што во целиот овој период носеа исправни одлуки што даваат резултати и во оваа прилика им се заблагодарувам на сите членови на Комисијата за своето професионално постапување во целиот овој период и очекувам дека и понатаму, на дневна основа ќе ги следат сите состојби и ќе носат вистински одлуки: Им се заблагодарувам и на лекарите, на медицинскиот персонал, на полицијата, на армијата и на сите институции кои што се вклучија и кои што се на првата линија во оваа наша борба, во период на преодна Влада. Очекувам дека час поскоро ќе направиме сѐ за да ги комплетираме институциите низ демократски избори каде што правото на граѓаните да избираат, да одлучуваат кој ќе ја преземе судбината за државата ќе можат да го искористат на парламентарните избори.