Спасовски од Преспа: Пред две години, во меѓународно афирмиран процес ги обезбедивме трајните гаранции за македонскиот јазик и идентитет и нашето членство во НАТО, и ја влеговме во последната фаза од процесот за членство во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на работна група за поддршка на Преспанскиот регион, Едмонд Адеми, денеска учествуваа на серијата настани по повод двегодишнината од потпишувањето на Договорот во Преспа, организирани од Општина Ресен, во соработка со НВО Преспа Град, кои се одржаа во село Љубојна и во близина граничниот премин во изградба Маркова Нога, на границата со Грција.

За значењето на годишнината, како и за значењето на настаните организирани по тој повод во регионот на Преспа, премиерот Спасовски имаше изјава за медиумите, што ви ја пренесуваме во целост:

Денеска, е убав ден бидејќи со посетата на Љубојно и преспанскиот крај, одбележуваме и две години од потпишувањето на Договорот од Преспа.

Историјата се пишува со храбри одлуки. Историјата се пишува со компромиси достоинствени и прифатливи за сите страни. Кога сите мислеа дека нема излез, беа преземени чекори што не извлекоа од минатото и безизлезот и ни ги вратија перспективите за нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ во нивната полна и сосема извесна реалност.

Со договорот од Преспа од тотална изолација на меѓународната сцена, направивме пресвртница и ја вративме Северна Македонија на агендата за проширување на Европската Унија и добивме членство во НАТО.

Тоа е најсилна гаранција за територијалниот суверенитет, гаранција за безбедноста и стабилноста. НАТО е најуспешната воена и политичка алијанса во историјата на светската цивилизација, а ние во неа сме рамо до рамо со најуспешните, најразвиените и најсилните.

Во март 2020, ЕУ донесе позитивна одлука за започнување на преговори за членство, а пандемијата предизвикана од КОВИД-19 не ја спречува Европската Комисија да финализира преговарачката рамка, до крајот на 2020 година и формално да започнат преговорите за членство.

Во нашиот пат за членство кон НАТО и ЕУ, Грција сега не само што не не блокира туку и сесрдно го помага нашето забрзано интегрирање. Тоа е впрочем и нивна обврска од договорот. Односите со Грција никогаш не биле подобри. Имаме значително подобрени билатерални односи и имаше тренд на зајакнување на економската соработка. Градиме пријателство и стратешко партнерство со нив, и тоа е добро за граѓаните на двете држави.

Привршува реализацијата на новиот граничен премин со Грција, Маркова Нога, во Преспа. Зголемени можности за локалното население, ќе донесе поголеми инвестиции во туризам, економија и развој. Реактивирана беше железничката линија преку Битола, а во план е и отворање на дополнителен граничен премин со Грција, во граничниот предел на Општина Кавадарци. Тоа е уште една можности за прекугранична соработка и развој на руралните средини од двете страни на границата.

Поголема мобилност, поголема соработка, поголем развој.

Преспанскиот договор е достоинствен и прифатлив компромис за двете страни. Двете држави вложија по нешто, но и двете држави добија и по нешто од него. Најголемата придобивка е пријателството, взаемната поддршка и можностите за градење на блиски односи и посилна соработка во иднина.

Денес за Преспа знае целиот свет. Во еден таков меѓународно афирмиран процес ги обезбедивме трајните гаранции за македонскиот јазик и идентитет. Тие се сега признаени од целиот свет и тоа никој повеќе не може да ни го одземе.

Преспанскиот договор е признаен и како модел за решавање и на други слични проблеми низ целиот свет. Тој е постигнување кое служи како пример за охрабрување и инспирација и за други лидери да донесат тешки, но неопходни одлуки за иднината на своите држави и на своите граѓани. Тој е голем влог во зачувувањето на мирот, безбедноста и стабилноста на нашиот регион, за зајакнување на регионалната соработка и пример за силната посветеноста на идејата за ЕУ и на европските вредности.

Договорот од Преспа е модел за европско однесување, модел за Балкан достоен на 21 век, како рамноправен и неделив дел од Европската Унија, и сите ние треба да бидеме горди на тоа.