Премиерот Спасовски и министерот Димитров: Со Преговарачката рамка за преговорите успешно е остварена уште една многу важна етапа во процесот на пристапување на нашата земја за членство во Европската Унија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во своето обраќање на прес-конференцијата по повод утврдената Преговарачка рамка за преговори со ЕУ, заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, истакна дека со тоа е остварена успешно уште една многу важна етапа во процесот на пристапување на нашата земја за членство во Европската Унија.

„Со оваа одлука се потврдува дека нема отстапувања од процесот што е утврден. Поставени се рамките на патот што ја прават Северна Македонија уште поблиску до членство во Унијата. Интеграцијата на нашата земја во ЕУ го добива заслуженото забрзувањето за да се придружи кон семејството народи обединети околу европската идеја“, нагласи премиерот Спасовски и додаде дека оваа вест дојде по историската одлука на Европскиот Совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година.

Претседателот на Владата Спасовски потенцираше дека пред нас се чекори што го забрзуваат процесот на европеизацијата на сите сегменти од нашето општество. Процес кој ќе помогне европските стандарди во сите области да ги оствариме и применуваме дома, во нашето општествено и политичко секојдневие.

„За само три години, покрај реформите дома, нашата земја направи повеќе историски чекори и на меѓународен план. Ги направивме според највисоките стандарди на дипломатијата и на меѓународната политика. Тоа го препознаа сите водечки демократии во светот и ни оддадоа признанија достојни на држава која сега сите ја посакуваат за партнер. Станавме рамноправен сојузник на земјите членки во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот - НАТО.  Од вчера го забрзуваме и процесот на интеграција во ЕУ. Ги откочивме процесите за двете стратешки определби на нашата земја, и ги направивме пресудни остварувања за само три години. Ретко кој во регионот покажал такви државнички перформанси, особено за земја која до 2016 година беше оценета како заробена држава“, рече Спасовски на прес-конференцијата по повод утврдениот предлог на Европската Комисија на преговарачката рамка за преговорите за членство на Северна Македонија со Европската унија.

Премиерот Спасовски соопшти дека Владата ги донесе уште во јули 2019 сите потребни акти за формирање на тимовите за преговори, а нашите преговарачки тимови веќе го поминаа подготвителниот технички скрининг за сите поглавја, и дека сме подготвени во полн капацитет да ги почнеме и успешно спроведеме преговорите во брз рок.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во своето обраќање до медиумите и јавноста нагласи дека Европската Комисија ја исполни својата задача и врз основа на новата методологија предложи преговарачка рамка што е поконкретна, подинамична, поверодостојна, која што на земјите членки им дава простор да учествуваат и тие директно со свои експерти во земјите во преговорите и да учествуваат со сопствен придонес кон извештаите за напредокот.

„По вчерашната убава вест од Брисел, токму на првиот ден од германското претседавање со Советот на ЕУ и по усогласување на Преговарачката рамка и нејзино усвојување од страна на Советот, односно земјите-членки, следи првата меѓувладина конференција која што е првиот конкретен чекор и форум за политички и реформски дијалог меѓу Северна Македонија и Европската Унија. За ова е потребна влада со политички мандат“, потенцираше Димитров на прес-конференцијата по повод утврдената Преговарачка рамка за преговори со ЕУ, која што заедно со претседателот на Владата Спасовски се одржа денеска.


 Спасовски: Со Преговарачката рамка нашата земја е уште поблиску до членство во ЕУ и  заслужено добива забрзување во процесот кој ќе ни го обезбеди местото во семејството народи обединети околу европската идеја

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, одржаа прес-конференција по повод утврдениот предлог на Европската Комисија на преговарачката рамка за преговорите за членство на Северна Македонија со Европската унија.

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:

Почитувани граѓани,

Остварена е успешно уште една многу важна етапа во процесот на пристапување на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.

Европската комисија вчера објави и не извести, дека е утврден предлогот за Преговарачка рамка за преговорите за членство во ЕУ и дека предлогот е доставен на одобрување до државите членки на ЕУ.

Со оваа одлука се потврдува дека нема отстапувања од процесот што е утврден. Поставени се рамките на патот што ја прават Северна Македонија уште поблиску до членство во Унијата. Интеграцијата на нашата земја во ЕУ го добива заслуженото забрзувањето за да се придружи кон семејството народи обединети околу европската идеја.

Оваа радосна вест од вчера, дојде по историската одлука на Европскиот Совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година. 

Натаму процесот ќе продолжи уште во текот на наредната недела со дебата по рамката за преговори на експертско ниво, и со чинот на нејзино усвојување од државите членки, со што преговорите и формално ќе може да започнат. 

Преговарачката рамка на Европската Комисија, во рамките на предвидената агенда, е уште една силен доказ дека Северна Македонија прави цврсти и сигурни чекори на својот европски пат. Тој пат носи и обврска за нас уште порешително и суштински да обезбедиме континуитет на реформите, владеење на правото, економски развој, здрава животна средина, европско земјоделство и европски шанси за подобар живот на сите македонски граѓани во сопствената земја. 

Пред нас се чекори што го забрзуваат процесот на европеизацијата на сите сегменти од нашето општество. Процес кој ќе помогне европските стандарди во сите области да ги оствариме и применуваме дома, во нашето општествено и политичко секојдневие.

Почитувани граѓани,

За само три години, покрај реформите дома, нашата земја направи повеќе историски чекори и на меѓународен план. Ги направивме според највисоките стандарди на дипломатијата и на меѓународната политика. Тоа го препознаа сите водечки демократии во светот и ни оддадоа признанија достојни на држава која сега сите ја посакуваат за партнер. 

Станавме рамноправен сојузник на земјите членки во најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот - НАТО.  Од вчера го забрзуваме и процесот на интеграција во ЕУ. Ги откочивме процесите за двете стратешки определби на нашата земја, и направивме пресудни остварувања за само три години. 

Ретко кој во регионот покажал такви државнички перформанси, особено за земја која до 2016 година беше оценета како заробена држава.

Во таа насока, сакам да се заблагодарам на Република Хрватска која за време на своето претседателство со ЕУ ја исполни сопствена агенда токму во овој период, во март оваа година, да се донесе одлуката за почеток на преговорите за членство на нашата земја со ЕУ. Од огромно значење што токму вчера, на првиот ден на германското претседателство со ЕУ се утврди преговарачката рамка за Република Северна Македонија. 

Убеден сум дека со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Меркел, Преговарачката рамка ќе ја усвојат сите земји членки и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членство со прва Меѓувладина конференција.

Владата ги донесе уште во јули 2019 сите потребни акти за формирање на тимовите за преговори, а нашите преговарачки тимови веќе го поминаа подготвителниот технички скрининг за сите поглавја. 

Подготвени сме во полн капацитет да ги почнеме и успешно спроведеме преговорите во брз рок.

Почитувани,

Стигнавме до точката од која кристално јасно се гледа нашата перспектива во Европската Унија. Тоа е точка од која враќање назад нема. Му се допаѓало тоа некому или не – тоа е нашата победа.  

Стануваме држава која во последната фаза за членство во ЕУ ќе мора да мине низ трансформација на државата и општеството низ која поминаа сите денешни членки на Европската унија, и за која ние покажавме во претходните три години дека имаме и политичка волја и одлучна подготвеност.

Заради реформите и тешките, одговорни одлуки во последните три години, ова е повеќе од заслужен успех. 

Да се радуваме на овој успех сите. Да се радуваат сите граѓани, сите политички партии, сите етнички заедници и сите општествени субјекти.