Средба на министерот Спасовски со амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје Самуел Жбогар

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со Амбасадорот на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, при што му се заблагодари за неговиот ангажман и посветеност во процесот на приближување на нашата држава кон Европската Унија. 

Министерот Спасовски ја изрази посветеноста на реформската определба Министерството за внатрешни работи да стане ефикасен сервис на граѓаните и за имплементирањето на европските вредности во секојдневното работење. Во тој процес од особена важност е поддршката што ја добиваме преку ИПА фондовите и која придонесе кон зајакнување на капацитетите за борба против организираниот криминал и за безбедноста на државните граници.

Амбасадорот Жбогар му го честиташе повторниот избор на министерот Спасовски на чело на Министерството за внатрешни работи и ја искажа својата благодарност за успешната соработка во изминатите четири години. Од негова страна беше изразено големо заводолство што беше дел од тимот кога во нашата држава се преземаа големи реформски процеси, како што се воспоставувањето на Агенцијата за национална безбедност согласно европските стандарди и имплементацијата на новиот модел за следење на комуникациите преку воспоставувањето на Оперативно техничката агенција.

Министерот Спасовски му посака среќа и успех на амбасадорот Жбогар  во натамошната дипломатска кариера и идните професионални ангажмани.