Маричиќ: Имаме шанса за европска интеграција со чист македонски јазик и идентитет, без никакви условувања

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на својот Фејсбук профил напиша дека со францускиот предлог имаме можност да го почнеме преговорачкиот процес на македонски јазик, признаен од цела Европска Унија.

Вицепремиерот Маричиќ вели дека досегашните политики и сите чекори кои ги направила оваа Влада биле стратешки и во интерес на државата и граѓаните и дека ќе останат доследни на македонските национални интереси и цели.

„Досега нашите политики и сите чекори кои сме ги направиле биле стратешки и во интерес на државата и граѓаните.

Со францускиот предлог имаме можност да го почнеме преговорачкиот процес на македонски јазик, признаен од цела Европска Унија.

Меѓувладината конференција и скринингот се првите чекори од преговарачкиот процес и кај сите земји членки во просек траеа околу 12 месеци. После тоа, следува отворање на првото поглавје, а до тогаш би било потребно внесување на трите нови етнички заедници во нашиот Устав, покрај постоечките седум.

Имаме можност за чист напредок во европските интеграции со чист македонски јазик и идентитет признаен од целата Европска Унија. Тоа го добиваме без никакви условувања или отстапки.

Напредокот после скринингот ќе зависи од внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот што е само зајакнување на нашето еднакво мултикултурално општество. Нашиот европски напредок веќе нема да зависи од историските прашања кои ги покрева Бугарија и за кои треба да разговараме, но за кои никој од македонска страна нема да може да биде условуван.

Остануваме доследни на нашите интереси и македонските национални цели.

Од нас и само од нас зависи“, пишува на својот Фејсбук профил вицепремиерот Маричиќ.