Груевски: СДСМ сака да дојде на власт преку креирање криза

Заев пред изборите бил свесен дека СДСМ ќе изгуби убедливо од анкетите што сам ги нарачал и дека тоа ќе биде со над 150.000 гласа. Ова го истакна премиерот Никола Груевски прашан за коментар за вчерашната снимка што се појави на „Јутјуб“ по пуштањето во употреба на спортската сала во ОУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Пласница.

- Оние што се разбираат од анкети, а политичарите се разбираат доста, точно знаат што значи седум или осум процентна разлика. Тоа покажува дека за целиот период на кампањата раководството на СДСМ одело со лаги дека водат, дека се блиску, дека сме изедначени, дека ќе победат и дека од 27 април СДСМ ќе стапи на власт. Всушност, тие знаеле дека им следува огромен пораз и цело време глумеле и лажеле, рече Груевски.

Тој посочи дека Заев со пуштањето на креирани материјали ја фалсификувал волјата на граѓаните кои со разлика од 200.000 гласови гласаа за ВМРО-ДПМНЕ.

- Преку креирани материјали се обидува да им докаже на граѓаните дека не гласале заради делата, градбите, реформите и многуте чекори направени од Владата, како што се зголемување на пензиите, платите во администрацијата, социјалната помош....туку гласале заради тоа што тој верува, а тоа биле разни притисоци и слично, потенцира Груевски.

Тоа што го прави Заев, додаде, мене ми личи на онаа стара Бранкова школа – да се дојде на власт преку криза.

- СДСМ практично не може да дојде на власт без создавање на криза затоа што имаат недостаток на идеи, немаат програма и проекти и немаат што да понудат на граѓаните, ниту пак граѓаните им веруваат во тоа што ќе го понудат, рече Груевски.

Нагласи дека СДСМ на граѓаните им нуди евтини сценарија и набрзина подготвени програми и додаде дека најчесто и тоа не го нудат.

- Нивната цел и во времето на Бранко и сега е да се дојде на власт преку креирање на криза. Со овие чекори што сега ги прави Заев практично тонејќи во кал сака да ги повлече и граѓаните и земјата да влезе во криза, односно ако губи тој, да губат сите. Тоа граѓаните нема да го дозволат и таквото сценарио нема да пројде, ниту пак ние како Влада и политичка гарнитура ќе го дозволиме. Тоа ќе помине и еден ден Заев ќе се срами од целата штета што им ја направи на граѓаните и на државата, потенцира Груевски.