Употреба на нови ИТ за развој на образованието

Македонски ученици  во основно и средно образование ќе развиваат вештини за претприемништво со користење нови алатки на ИТ компанијата „Мајкросфт“. Наученото треба да им помогне да почнат свој бизнис или пак како многу поквалитетен кадар да се вклучат во приватниот  и државниот сектор.

Тоа е една од можностите предвидени со Меморандумот за соработка што го потпишаа денеска министерот за информатичко општество Иво Ивановски и генералниот директор на „Мајкрософт“ за Централна и Источна Европа, Адриана Боерсма. 

- Меморандумот нуди сеопфатна заедничка јавно-приватно програма за образовна надоградба, чии стратешки цели се развој на учењето, поттикнување идни иновации и развој на вештини и квалификации од 21-от век. Преку овој документ ќе соработуваме и ќе се фокусираме на креирање „Мајкрософт“ иновативни училишта и иновативни наставници, развој на ИТ академија, програми за сертификација и многу други активности од заеднички интерес, рече министерот Ивановски.

Поради потребата да се подобри пристапот и користењето на информатичката и комуникациската технологија  во основното и средното образование, најави, ќе се залагаат да се подобри пристапот и употребата на ИКТ за поддршка на наставата и учењето.

- Наша заедничка заложба е да ги поттикнеме младите луѓе да имаат повеќе можности за образование, вработување и претприемништво. Нашето партнерство е посветено да им помогне на младите луѓе да ги искористат можностите преку програмите на „Мајкрософт“, со цел да научат вештини, да се подготват за идните работни места, како и да започнат сопствен бизнис, наведе Ивановски.

Ќе следат обуки во кои ќе бидат вклучени ограничен број наставници и ученици кои ќе се пријават и ќе треба да исполнуваат услови.

- По обуките треба да станат едукатори и да влијаат за развојот на образовниот систем.  Не се работи за опфат на сите, туку на определна група на ученици и  наставници имајќи предвид дека некои се повеќе и повеќе  ја користат опремата и напрадуваат, а има и некои кои не избраа да ја користат опремата, а од тоа трпи и самата настава во нивното образование, појасни Ивановски. 

Според Адриана Боерсиа, генерален директор на „Мајкрософт“  за Источна и Централна Европа, целта на меморандумот е да го трансформира учењето и образованието, да донесат нови иновации и да развијат повисоки вештини преку обуката на наставниците и на лидерите во образованието и  наставата. 

Информатичката  технологија, потенцира Боерсиа, може да игра клучна улога во трансформацијата на образованието и да промовира доживотно учење.  - За да се случи  ова на наставниците им е потребен пристап до наставни програми коишто се засноваат на ИКТ. На тој начин тие ќе овозможат побогат и поперсонализиран пристап до учењето  и во искуствата на нивните ученици. Исто така им е потребна напредна софтверска  инфраструктура за да се  подобри и нивната ефикасност и продуктивност, наведе Боерсиа.