Нови владини проекти за ИТ компаниите

Домашните ИТ компании ќе бидат вклучени во новите владини проекти за  развој на информатичкото општество. Ќе можат да креираат електронски услуги за граѓаните од институциите, со ИПА финансии, како и софтвер за најавените 300.000 таблети за образованието. 

Пред членките на ИКТ комората при Сојузот на стопански комори на Македонија денеска плановите ги претставија министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и неговата заменичка Марта Арсовска Томовска. Целта е компаните да се подготват навреме  и да можат да аплицираат.

-  Се работи за повеќе пакети проекти во делот  којшто  МИОА го бара преку ИПА финансирањето. Апликацијата што е веќе доставена до ЕУ со којашто бараме финасирање на голем број електронски услуги. Со  воспоставувањето на системот на интеропербилност, каде моментно се во тек две надрадби на првичниот, ќе се овозможи поедноставно креирање електронски услуги за коишто граѓаните по електронски пат ќе може да ги добијат услугите од компаниите, изјави Ивановски.

Тој се надева дека бизнис заедницата  ќе се вклучи во развивање софтвер за набавка на 300.000 таблети за образованието, за кои постапката треба да почне во август.

- Проектот моментно е во анализа и се дизајнира целиот  еко систем  којшто ќе биде направен за овие таблети. Моментно буџетската рамка се уште не е утврдена бидејќи нема да стане збор  само за хардвер, туку и развој на софтвер во чие развивање се надеваме македонските компании да се вклучат активно, обуки за наставниот  кадар, како и потребна опрема од аспект на модернизирање на самите училишта. Техничката документација би требало да заврши до јуни и постапката да почне на крајот на август, информира Ивановски. 

Според Саша Огненовски, претседател на ИКТ комората при ССК, од компаните има голем интерес и за примената на Законот за архивско работење, што е на нивно барање, а треба да ја намали бирократијата за малите и средните претпријатија. 

- Секоја можност што ќе се отвори за бизнис заедницата е добредојдена. Очекуваме придобивка за компаниите во Македонија. Токму тоа е причината зошто  сме денеска тука, да поразговараме со претставниците на МИОА, односно да добиеме информација кои се замислите на Владата во таа насока, но и да дадеме сугестии што повеќе домашни фирми да бидат вклучени во овој проект, изјави Огненовски.

ИКТ комората при ССК во соработка со МИОА спроведува проект за компјутери за социјално ранливи граѓани. Учествува и во изработката на краткорочната и долгорочната стратегија за информатичкото општество.