Груевски-Столтенберг: Членството во НАТО е цврста определба на Македонија и на Алијансата

Членството во НАТО е цврста определба на Република Македонија и на најголемата воено-политичка организација на светот и да не е грчкото вето, земјата одамна ќе беше членка на Алијансата. Ова е заклучокот од денешната средба на претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, што се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел.

Според премиерот Груевски, на неговата прва работна средба со генералниот секретар Столтенберг, констатирале дека членството на Македонија во НАТО и понатаму останува интерес и цврста определба на земјата и на Алијансата. Во тој контекст, според него, двајцата ја истакнале важноста од одржување во живот на политиката на отворени врати на НАТО.

Претседателот на македонската Влада посочи дека на оваа средба, на која беше придружуван од министрите за надворешни работи Никола Попоски и за одбрана Зоран Јолевски, со Столтенберг размениле мислење и за постојниот напредок во процесот за евроатлантски интеграции на Република Македонија во рамки на 16-тиот циклус од Акцискиот план за членство на земјата во НАТО, како и за повеќе политичко-безбедносни прашања од заеднички интерес.

- Заеднички ги разгледавме и актуелните теми поврзани со спроведувањето на националните реформи поврзано со членството во НАТО, при што говорев и за напредокот на Македонија, посветеноста и фокусот на реформите на Република Македонија во делот на одбраната, економијата, правосудството, администрацијата и на други полиња. Говоревме и за нашите очекувања и надежи, паралелно со ова да се разреши клучното прашање поради кое од 2008 година наваму Република Македонија не може да ја добие поканата, посочи Груевски.

Македонскиот премиер додаде дека со генералниот секретар на НАТО разговорале и за актуелната политичка ситуација, актуелните предизвици и во тој контекст тој истакнал дека се што се однесува во рамки на можностите и ингеренциите на Владата, дека ќе биде максимално транспарентно, максимално јасно и согласно законските прописи и во тој контекст не очекува дека ќе има проблеми.

- Ние ќе го продолжиме нашиот дијалог и во иднина, остануваме отворени, и Македонија, како што беше споменато е активен учесник во мисиите на НАТО, партиципира како да е членка на Алијансата, но за жал се уште ги нема привилегиите и бенефициите од тоа да се биде членка на НАТО, додаде Груевски.

Јенс Столтенберг, пак, на почетокот на прес-конференцијата по средбата порача дека Македонија е важен партнер за Алијансата и аспирантска земја за членство во НАТО и дека во оваа организација се посветени на македонскиот пат кон полноправно членство.

- Денеска дискутиравме за нашата соработка и ви благодарам на вашиот придонес во нашата мисија „Одлучна поддршка” во Авганистан и на вашата поддршка во комуникациските линии за КФОР на Косово. Вашата нација е безбедносен провајдер и ви благодариме на тоа, истакна Столтенберг.

Според наследникот на Андерс Фог Расмусен, интеграцијата во НАТО, исто така бара и тешки реформи и храбро лидерство, и во тој поглед, тој го поздрави македонскиот прогрес во реформирањето на одбранбениот сектор, но и дека има предизвици. Во тој контекст, Столтенберг спомена дека НАТО го следи со загриженост последниот развој на политичките случувања во Скопје и напомена дека прогресот во реформите зависи од ефективните демократски вредности, широката доверба во владеењето на правото и слободата на медиумите се во срцето на евроатлантската заедница и дека во Алијансата сметаат дека истите ќе бидат целосно почитувани во Македонија.

- Ги охрабруваме сите политички сили во земјата да дејствуваат одговорно и да се посветат на отворен и конструктивен дијалог и да се фокусираат на политички и економски реформи, потребни за прогрес на евроатлантската агенда на земјата. Ова е во интерес на сите граѓани на земјата,порача генералниот секретар на НАТО.

Запрашани да ја коментираат ситуацијата со објавувањето на прислушувани материјали од страна на опозицискиот лидер Зоран Заев и обвинувањето дека се направени со помош и за потреби на странски разузнавачки служби, премиерот Груевски потенцира дека прилично детално му ја опишал ситуацијата на Столтенберг за тоа што се случуваше во изминатиот период.

- Опишав се, тргнувајќи од сето она што ми беше презентирано на разговорите со шефот на опозицијата, преку оние работи што беа откриени и презентирани од страна на МВР и обвинителството, вклучувајќи ја и судската пресуда што веќе постои, како и признанијата на одредени лица во судската постапка за илегалните работи што ги направиле во својата службена должност и ги прекршиле законите на Република Македонија. Се останато ќе биде дел од понатамошната судска постапка која, како што кажав, во Македонија ќе биде јасна, транспарентна и отворени сме за било-каков мониторинг во тој дел и следење на се што ќе се случува, дециден беше Груевски.

Столтенберг, пак, не сакаше да ги коментира обвинувањата дека странска разузнавачка служба била активна во Македонија, но истакна дека е важна слободата на медиумите, и опозицијата да има добри работни услови и да се почитуваат демократските вредности од страна на сите инволвирани во ова.

- Ние ја потенцираме важноста да има независна и темелна истрага во однос на овие обвинувања. Исто така, за оние што се одговорни треба темелно да се истражи што се случило и затоа е важно да има темелна и независна истрага за овие обвинувања, потенцираше Столтенберг.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел, дали, седум години по Самитот во Букурешт, НАТО смета дека Македонија треба да биде негова членка и дали е заинтересиран за тоа, генералниот секретар на Алијансата со одговор дека тој лично бил присутен на Самитот во Букурешт во 2008 година и дека се сеќавам на сите дискусии што ги имале таму.

- Затоа, ќе повторам дека НАТО е се уште посветен да го поддржува вашиот пат кон членство во Алијансата. Ние, исто така ја повторивме оваа наша позиција на минатиот Самит во Велс, каде што повторивме дека заемно прифатливо решение на прашањето за името мора да се постигне пред Македонија да може да се приклучи на НАТО. Ние силно поттикнуваме да се интензивираат напорите кон таа цел, но како што знаете, НАТО е организација базирана врз консензус, па ни треба конзенус меѓу 28-те членки за да се постигне договор, истакна Столтенберг.

Македонскиот премиер, пак, беше дециден дека и покрај сите блокади и препреки на патот, дека евроатлантската интеграција е единствена насока во која се движи Република Македонија.

- Македонија има сили. Ќе ги издржи сите овие блокади и препреки на кои наидува и ќе излезе посилна од сето тоа. Ќе продолжи со реформите на сите полиња, ќе продолжи да чекори напред и да биде посилна и подобро место за живеење, заклучи премиерот Никола Груевски.