Груевски: Извозот за првите пет месеци зголемен за 25 отсто во споредба со лани

Во првите пет месеци од годинава извозот од слободните зони порасна за 25 отсто во споредба со истиот период од минатата година, истакна премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на ТИРЗ во Делчево.

- Во првите пет месеци само од слободните економски зони имаме извоз од 553 милиони евра, а во мај извозот од зоните е 120 милиони евра, рече премиерот Груевски.

Тоа, нагласи, е многу сериозен раст кој значајно влијае и на целокупниот извоз од земјава.

- Воедно, тоа е уште еден показател дека владините политики се правилно насочени и оти треба дополнително да се зајакнуваат во тој правец. Фокусот треба да остане токму на решавањето на проблемот со невработеноста и на привлекувањето странски инвестиции, но и на натамошното подобрување на бизнис-климата. Во тој правец треба да се превенираат и елиминираат сите обиди за создавање политички кризи или што било што би ги одвратило инвеститорите, потенцира премиерот Груевски.

Создавањето на политички кризи, посочи, не е во интерес на граѓаните.

- На граѓаните им е во интерес како Влада да работиме на отворања нови работни места преку привлекување странски и охрабрување и помагање на домашните инвеститори за да се намали невработеноста која е еден од најгорливите проблеми во Република Македонија.