Груевски: Постигнатиот договор позитивен импулс за политичката состојба

Договорот постигнат вчера на средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, премиерот Никола Груевски го оцени како позитивен импулс за политичката состојба посочувајќи дека треба да се постигне она што е важно за државата. 

- Вчерашниот настан го гледам како еден позитивен импулс и не би додал ништо повеќе од она што вчера го кажа комесарот Хан во неговата изјава. Мислам дека е потребна максимална конструктивност без шпекулации, без ширења на лажни изјави. Да се продолжи и да се постигне она што е важно за државата и она што и е потребно на државата - стабилност и сигурност, рече Груевски во изјава за Сител ТВ.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ повика на позитивно и конструктивно однесување. 

 - Ги повикувам сите кои и сакаат добро на државата да се однесуваат позитивино и конструктивно и пред и над се да ги ставаат државните интереси, рече Груевски.

На средбата на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА со Хан и со амбасадорите на ЕУ и САД вчера во Скопје, беше постигнат договор за одржување парламентарни избори до крајот на април.

Премиерот Груевски вели дека нивната идеја била да се одржат редовни избори во 2018 по целосно истечен мандат на Владата. 

- Хендикеп е во овој период што граѓаните не можат да видат како изгледа еден целосно завршен мандат на ВМРО-ДПМНЕ со сите завршени проекти и жалам што во овој период не успеавме и не ни беше овозможено во целост да го завршиме мандатот и да ги покажеме нашите перформанси и учинок пред граѓаните после четири години мандат. Ние сме свесни дека на граѓаните им е преку глава од предвремени избори и тие сакаат да видат целосно завршен мандат на оваа Влада и поретко избори, истакна Груевски.