Отворено првото средно училиште во Шуто Оризари

Во општина Шуто Оризари денеска официјално беше пуштено во употреба првото средно училиште и двете доградени основни училишта, инвестиција на Владата вредна 3,1 милиони евра.

Новото средно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари се протега на површина од 4.405 метри квадратни, има 12 училници, четири кабинети, шест канцеларии за наставници и вработени, фискултурна сала, читална и библиотека. За неговата изградба и опремување Владата издвои 85 милиони денари или околу 1,4 милиони евра.

На отворањето на училиштето присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, заменик-министрите за образование и наука и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и Ибрахим Ибрахими, градоначалниците на Град Скопје и на Општина Шуто Оризари, Коце Трајановски и Елвис Бајрам и пратеникот Амди Бајрам.

- Денеска сум повторно тука за да одбележиме уште еден историски ден за Шуто Оризари и официјално да го пуштиме во употреба првото средно училиште во општината, порача премиерот Груевски.

Тој посочи дека Владата правела напори ова училиште што поскоро да биде изградено и додаде дека и покрај проблемите со кои се соочиле проектот е успешно завршен.

- Основна мисла водилка ни беше тоа што образованието е еден од клучните фактори за намалување на невработеноста и сиромаштијата во Шуто Оризари. Во тој дух инвестирајќи во новото училиште знаевме дека инвестираме во подобра иднина на жителите на овие простори. Проектот не секогаш течеше лесно и едноставно. Имаше имотно-правни проблеми и застои, но ние не се откажавме. Кога се сака нешто да се направи не постои пречка во исполнување на таа цел. Ние сакавме да го изградиме училиштето и училиштето е пред нас, рече Груевски.

Тој посочи дека новото училиште ќе понуди настава за повеќе образовни профили во рамките на здравствената, градежно-геодетската, угостителско-туристичката, економско-правната и трговската струка, како и во личните услуги.

- Верувам дека многу млади жители ќе се пронајдат во овие струки и од клупите на ова училиште ќе произлезат многу квалитетни кадри на кои ќе се гордее цело Шуто Оризари, целата ромска популација и цела Република Македонија, рече Груевски.

Покрај изградбата на ова училиште, додаде, годинава заврши и големата доградба на двете основни училишта „Браќа Рамиз и Хамид“ и „26 Јули“ за кои Владата издвои 105 милиони денари или околу 1,7 милиони евра.

Најави дека до крајот на месецот во Шуто Оризари ќе започне изградбата на големата спортска сала и потсети дека во изминативе години со помош на Владата се започнати и реализирани многу проекти, како што се изградбата на водоводната мрежа, отворањето на Ромскиот информативен центар, воведување Роми медијатори, здравствени медијатори, доделување стипендии за средношколци Роми и дополнителна помош за средношколците преку менторство и туторство со цел постигнување повисок успех во школувањето, изградба на повеќенаменско спортско игралиште, легализација на дивоградбите,...

Министерот за образование и наука Адеми рече дека во наредните денови учениците сукцесивно ќе почнат да доаѓаат во новото средно училиште во кое во една смена ќе можат да учат 400 ученици.

- Наместо да патуваат во средните училишта во соседните општини, учениците од Шуто Оризари средното образование сега ќе можат да го продолжат во својата општина, рече Адеми.

Нагласи дека токму тоа можеби била и една од основните причини што голем дел од децата од ромска националност не го продолжувале своето образование. Истакна дека досега имало проблеми и со просторот и во двете општински основни училишта поради што се учело во четири смени.

Пратеникот Амди Бајрам посочи дека жителите на општина Шуто Оризари многу години се обидувале да најдат начин и средства за да изградат средно училиште, но, како што рече, никој не сакал да инвестира.

Нагласи дека на сите средби со премиерот Груевски како најгорливи проблеми му ги истакнал немањето средно училиште и доволни капацитети во основните училишта и водоводот во Шуто Оризари.

- Имаше и најави од некои амбасади за донација за изградба на средното училиште, но тие се откажаа. Премиерот рече дека ќе најде средства за да се изгради ова училиште и тоа го направи. Нашиот сон се оствари и дојде време да се отвори новото средно училиште во Шуто Оризари, рече Бајрам.

Додаде дека училиштето ќе било изградени и порано доколку немале опструкции од старото општинско раководство и нагласи дека очекува жителите на Шуто Оризари да ги пуштат своите деца да го продолжат своето образование во новото средно училиште во кое покрај Роми, ќе учат и Албанци, Македонци, Бошњаци и други.

Премиерот Груевски во Шуто Оризари ги посети и двете ново доградени училишта ОУ „26 Јули“, каде е обезбеден дополнителен простор од 1.080 метри квадратни и се изградени девет нови училници и повеќе помошни простории за што се инвестираше 31 милион денари и се создадоа просторни услови за нови 270 деца, како и ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ каде се изградија дополнителни два ката со површина од 2.000 метри квадратни и нова 21 училница.  Со тоа со инвестицијата од 74,5 милиони денари се овозможи простор за нови 560 ученици.