Министерот Бектеши на COP28 ја презентираше Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија

Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска, во рамки на климатскиот самит COP28 кој што се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати ја презентираше Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија.

Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција претставува основа за инвестиции и развој на политики кои што ги здружува владата, меѓународните финансии и приватниот сектор со цел за поддршка на процесот за енергетска транзиција на земјата, што меѓу другото вклучува и инвестиции во нови капацитети на обновливи извори на енергија, како и инвестиции во мрежата и складирањето за обезбедување на сигурност во снабдувањето на електрична енергија и праведни транзициски мерки.

Министерот Бектеши во своето обраќање се заблагодари на претседателката на Европската Банка за обнова и развој, Одил Рено- Басо, за укажаната поддршка во процесот на развивање и дефинирање на Инвестициската платформа како и за координацијата на останатите партнери во оваа иницијатива кои ја поддржуваат Северна Македонија во процесот на енергетската транзиција и декарбонизација.

„Северна Македонија постави цел за намалување на емисиите на стакленички гасови од 82% до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година. Со ова се докажува нашата посветеност на принципите на Парискиот договор и претставува значителен чекор кон поодржлива, конкурентна и праведна иднина. Енергетскиот сектор, кој беше значаен придонесувач за емисиите на нашата земја, се наоѓа на чело на овој процес на транзиција. Владата во јуни 2023 година го усвои патоказот за праведна транзиција и воспостави структура за водење на процесот на транзиција, покажувајќи ја уште еднаш нашата посветеност и одлучност за декарбонизација на енергетскиот сектор во земјата“ кажа министерот Бектеши во своето обраќање.

Министерот кажа дека врз основа на главните стратешки документи, програми и акциски планови, Северна Македонија има за цел да достигне 38% учество на обновливите извори на енергија во вкупната бруто потрошувачка на електрична енергија до 2040 година (од 23% во 2020 година).  Потенцираше дека за успешно спроведување на процесот на праведна транзиција и севкупната декарбонизација, потребни се значителни инвестиции и прецизно планирање за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија. Во овој процес, Северна Македонија е поддржана од Мултилатералните банки за развој и партнерите донатори, а со техничка поддршка од Европската банка за обнова и развој.

„Во моментов, Владата на Северна Македонија го подготвува Инвестицискиот план во соработка со Европската банка за обнова и развој, Светска банка и ИФЦ, кој ги идентификува потенцијалните области за инвестиции и поддршка во насока на замена и пренамена на електраните на јаглен и зголемување на капацитетите на ОИЕ. Во согласност со временската рамка предвидена од страна на Климатскиот инвестициски фонд, планот е потребно да го доставиме на почетокот на следната година. Овој инвестициски план претставува и основа за поставување на Инвестициската платформа за да се мобилизираат потребните финансии во текот на периодот 2024-2030 година за праведна енергетска транзиција на земјата“ кажа министерот Бектеши. 

Министерот дополни дека Инвестициската платформа е во согласност со другите стратешки документи усвоени од Владата, вклучително и Националниот план за енергија и клима, Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година, особено во однос на постепено укинување на сите капацитети на електрани на јаглен до 2030 година. 

„Вкупните проценки за потребните инвестиции изнесуваат 3 милијарди евра кои треба да се мобилизираат од приватни и мултилатералните банки за развој, дополнети со буџетски средства за да се постигне климатската цел. Дополнително на нив, донаторите и филантропите кои се подготвени да поддржат енергетска транзиција, правични транзициски мерки, складирање и зајакнување на мрежата и градење капацитети, се подготвени да доделат 285 милиони евра во форма на грантови и концесиско финансирање. Исто така, се очекува дека 2 милијарди евра ќе бидат мобилизирани од приватниот сектор преку отстранување на инвестициските бариери првенствено во инвестиции во обновливи извори на енергија“ кажа министерот.