Министерот Бочварски домаќин на министрите за транспорт од Западен Балкан. Со директорот на Транспортната заедница, Закоњшек, извршија увид на пругата на Коридор 8

Со огромна поддршка од Транспортната Заедница, со соседите Албанија и Бугарија, како и Италија, успеавме овој Коридор 8 да го ставиме на главната мапа на европски коридорди и токму поради тоа огромно е значењето овој европски Коридор да биде доизграден, како на железничката оска, така и на патната мрежа, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска заедно со Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница и со директорот на Железници Инфраструктура, Зоран Трифуновски, извршија увид на изградбата на железничкиот Коридор 8.

Изградбата на железничка пруга на источниот дел од Коридор 8 е инвестиција од преку 700 милиони евра и чекор напред во развојот на железничка мрежа во Северна Македонија. Оваа железничка пруга се гради во три фази.

„Драго ми е што денеска заедно со мојот пријател Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница и со директорот на Железници Инфраструктура, Трифуновски сме присутни на железничкиот Коридор 8, еден од главните Коридори на Европската Унија во овoј регион. Важноста е уште поголема од причина што Европската Унија ни дава силна поддршка за изградба на овој Коридор како услов за ефикасно регионално поврзување. Нашата примарна цел е да создадеме модерна железничка мрежа, која ќе овозможи економски раст, брз и ефикасен транспорт на товар и патници и регионален развој. Сакам да потенцирам, Република Северна Македонија има само една опција, а тоа е европската перспектива и затоа оваа Влада покажа силна одлучност да ја започне најголемата инвестиција во железницата, а тоа е изградбата токму на оваа пруга.“ – изјави министерот Бочварски.

Директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, истакна дека Коридорот 8 не е важен само за Северна Македонија или за Албанија и Бугарија, туку е клучен за цел регион, поврзувајќи ги Црното Море и Медитеранот.

„Одлично е да се биде повторно тука во Северна Македонија, одлично е да се биде тука во Куманово, каде заедно со министерот Бочварски и директорот Трифуновски го следиме прогресот на изградбата на пругата на Коридорот 8. Градежните работи на овој значаен Коридор се одвиваат со добра динамика, со запазување на сите рокови. Би сакал да потенцирам дека освен изградбата на железницата, многу е важно да имаме и реформи во овој ресор, со цел железничкиот транспорт да биде одржлив и во функција за граѓаните.“

„Градбата на третата делница се смета за еден од најголемите предизвици во градежниот сектор во државата но и територијата на Европа каде на вкупна должина од 23,4 километри пруга треба да се изградат 22 тунели со должина од околу 9 километри и 52 моста со должина од околу 5 километри. Исто така, делокругот на проектот вклучува изградба на 2 железнички станици во Крива Паланка и Жидилово, како и вградување на сигнализација и телекомуникации на ниво на ЕТСЅ – ниво 1 на оваа делница, како и електрификација на целокупниот источен дел од железничкиот Коридор 8 од Куманово до ГП Деве Баир. Временската рамка за изградба на оваа пруга е 5 години.“ – изјави директорот на МЖ Инфраструктура, Зоран Трифуновски.

Во следните два дена Република Северна Македонија е домаќин на Министерскиот совет на министрите за транспорт од регионот од Западен Балкан, како и Молдавија, Грузија и Украина.  

Министерството за транспорт и врски заедно со Секретаријатот на Транспортната заедницa се организатори на овој Министерски совет на кој ќе се разговара токму за напредокот на земјите во делот на транспортните мрежи.