Средба Бочварски - Радуловиќ: Размената на искуства е многу значајна за побрза интеграција на регионот

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски оствари билатерална средба со Филип Радуловиќ, министер за сообраќај и пловидба на Црна Гора.

Двајцата министри ја потврдија добрата соработка помеѓу Северна Македонија и Црна Гора и ја потенцираа важноста на заедничките заложби за побрза европска интеграција на регионот.

Исто така двајцата разговараа за инфраструктурните проекти кои се реализираат на европските коридори и за можноста за поврзување со авионска линија.

„Разменивме искуства за процесите на подобрување на транспортот во регионот, а особено за продлабочување на меѓусебната соработка, поконкретно во делот на туризмот и патничкиот транспорт. Ја отворивме темата за можно поврзување на двете земји. Исто така разговаравме и за инфраструктурните проекти во делот на патната мрежа, бидејќи и Северна Македонија и Црна Гора во овој период сме исклучително посветени на модернизација на патната инфраструктура и подобрување на условите за патување на нашите граѓани.“ – изјави министерот Бочварски.

Билатералната средба помеѓу министерот Бочварски и министерот Радуловиќ е во рамките на Министерскиот совет, кој овие денови се одржува во Скопје.