Обраќање на министерот Попоски пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент

Денеска во Брисел, министерот Никола Попоски имаше обраќање пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Обраќањето се реализира во пресрет на објавувањето на првиот нацрт-текст на Резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Македонија во 2012 година кој го подготвува известителот Ричард Ховит.

Во своето обраќање, Министерот Попоски се осврна на четвртата по ред препорака на Европската комисија за почеток на пристапните преговори, како потврда за остварениот значаен напредок во исполнувањето на критериумите за членство од страна на Република Македонија. Изрази очекување дека земјите членки на Европската унија за време на Европскиот совет во декември 2012 год, ќе постигнат консензус за одредување на датум за почеток на преговорите со Република Македонија. Во оваа насока, тој побара од Европскиот парламент уште еднаш да ја реафирмира својата гласна поддршка за остварување на оваа цел.

Mинистерот Попоски информира и за ангажманот на Република Македонија во исполнувањето на реформите во клучните области, меѓу кои: слободата на изразување во медиумите, зајакнувањето на ефикасноста и професионалноста на судството, борбата против корупцијата, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, реформите во јавната администрација, изборните реформи и зајакнувањето на пазарната економија. Владата на Република Македонија е фокусирана на адресирање на препораките од последниот Извештај на Европската комисија и на натамошно унапредување на досието на резултати во клучните реформски области, за што веќе усвои и Акциски план за почеток на пристапните преговори.

Развивањето на добрососедски односи за Македонија претставува неопходност.  Тие се клучни за нашиот економски напредок, развој и просперитет и затоа Владата ќе продолжи да настапува проактивно кон сите соседи и со искрени намери да иницира конкретни проекти за меѓусебно поврзување. Сите отворени прашања и разлики ќе успееме да ги надминеме со меѓусебно почитување и доверба, со почитување на европските принципи и вредности, демократските начела и човековите права.

Европратенците го поздравија постигнатиот напредок во реформите, нотиран во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2012 год. и дадоа целосна поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Унијата.

За време на посетата на Европскиот парламент, министерот Попоски оствари средби со известителот за Република Македонија, Ричард Ховит, со известителот во сенка од редовите на Европските народни партии, Едвард Кукан, како и со поранешниот Претседател на Европскиот парламент, европратеникот Јержи Бузек.