Потпишан Меморандум помеѓу Универзитетот за информатички технологии Свети Апостол Павле и Оукленд Универзитетот

Во рамките на економската турнеја на владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, чија цел е промоција на поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори, денеска(вторник, 27.11.2012 година), во Рочестер, Соединетите Американски Држави, беше потпишан Меморандумот за соработка помеѓу Универзитетот за информатички технологии Свети Апостол Павле и Оукленд Универзитетот од Оукленд. Меморандумот во име на македонската страна, по претходно овластување, го потпиша македонскиот амбасадор во САД, Зоран Јолевски.

Со потпишувањето на овој меморандум се дава дополнителен придонес во продлабочувањето на соработката во областа на образованието помеѓу Република Македонија и САД. Меморандумот претставува основа за засилување на соработката помеѓу двата универзитета, размена на професори и наставен кадар во двете насоки и заедничка работа на истражувачки и развојни проекти. Со него се дефинира рамката и се создава можност за унапредување на соработката во областа на размена на студенти, а специфична и значајна придобивка е тоа што во идниот период студенти од Република Македонија ќе имаат можност за практикантска работа и стажирање во реномирани компании од областа на информатичко-комуникациската индустрија во Детроит и неговата околина.

Дополнително со Меморандумот се овозможува размена на искуства, технологии и експертска помош, кои може да се користат и во рамките на комерцијализацијата на знаењето, промоцијата на иновациите и претприемништвото и поддршката на бизнис иницијативата.

Попладнево, владината делегација, предводена од претседателот на Владата Никола Груевски, а во чиј состав се и заменик претседателот на Владата задолжен за економски систем, Владимир Пешевски, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак, директорот на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида и директорот на Технолошко - индустриските развојни зони, Виктор Мизо во Детроит ќе присуствува и ќе се обрати на организиран бизнис форум на кој ќе бидат претставени можностите за отворање и водење бизнис во Република Македонија и поволностите кои се овозможуваат на странските компании за инвестирање во нашата земја.