Македонија трета во Источна Европа и Централна Азија во секторот отворена влада

Македонија е треторангирана во Источна Европа и Централна Азија и 23. на глобално ниво во секторот отворена влада според Индексот за владеење на правото, покажува извештајот на Проектот за правда во светот за 2012 година.

Извештајот, што ги рангира земјите според осум индикатори што влијаат врз владеењето на правото: ограничување на моќта на владата, корупција, безбедност, основни права, отворена влада, спроведување на прописите, граѓанска правда и кривична правда, е производ од анкетирањето на 97.000 испитаници и повеќе од 2.500 експерти во 97 земји.

Македонија има високи оценки за отвореноста на владата (23. на глобално ниво и трета кај земјите со високо среден приход) и спроведувањето на прописите (34. на глобално ниво и петта кај групата на земји со високо среден приход).

- Иако во Македонија корупцијата е на ниско ниво споредено со земјите од истата група (7. според нивото на приход и 8. на регионално ниво), а промените на власта се одвиваат според законите, системот на рамнотежа меѓу извршната, законодавната и судската власт е релативно слаб (59. на глобално ниво и 18. кај групата на земји со високо среден приход), бидејќи ниту законодавците ни судовите ефективно не ја ограничуваат моќта на извршната власт, се вели во извештајот.

Во Македонија, според извештајот, има пристап до граѓанска правда и покрај прекумерните одолговлекувања, а загрижувачки се ограничувањата на слободата на печатот и дискриминацијата на маргинализираните групи.

Естонија е лидер во Источна Европа и Централна Азија во најголем дел од индикаторите што влијаат врз владеењето на правото.

Проектот за правда во светот е мултинационална и мултидисциплинарна организација што се стреми кон зајакнување на владеењето на правото за развој на заедниците по принципот на еднакви можности.  Основана е во 2006 година, а нејзиното седиште е во Вашингтон, САД.