Радовиш и Струмица ќе се поврзат со модерна магистрала

Радовиш и Струмица ќе се поврзат со модерна магистрала која ќе овозможи побрз проток и побезбеден сообраќај. Се очекува овој патен правец да биде пуштен во употреба во јануари наредната година. 

Патниот правец е во должина од 10 километри на кој е предвидено брзина на движење од 100 километри, наместо досегашните 40 километри што ги овозможува постоечкиот патен правец. Како се одвиваат работите на терен денеска се информираа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески заедно со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.

- Патниот правец од Радовиш до Струмица е ветување за граѓаните во овој дел. На терен се работи во полна пареа. Агенцијата за државни патишта и изведувачот „Гранит“ и во наредните неколку недели ќе продолжат со интензивно темпо на изградба и на почетокот на следната година ќе се заврши овој патен правец. Калдрмата ќе биде минато, а овој модерен пат ќе биде иднината која ќе помогне за граѓаните од овој регион да се возат безбедно и да имаат полесен пристап до Штип, па и до Скопје, изјави вицепремиерот Ставрески.

Тој најави дека во наредните четири години во патната и во железничката инфраструктура ќе се реализираат крупни проекти. Притоа посочи дека по насока од Владата Агенцијата за државни патишта ќе изготви проект за проширување и на патниот правец Велес - Кадрифаково на кој се случуваат сообраќајни несреќи бидејќи е тесен. Агенцијата треба да изработи проект во кој ќе предвиди патен правец широк 11 метри со две главни и две помошни ленти со што ќе се зголеми безбедноста и на овој патен правец и ќе се олесни патувањето на тој дел од Република Македонија. Во делот на источниот дел од земјава, како што рече министерот, има интензивна изградба и ќе има и во наредниот период.

Говорејќи за инфраструктурните проекти во наредните четири години, вицепремиерот Ставрески истакна дека е отворен градежен фронт, дека се работи на автопатот Демир Капија - Смоквица како еден од најголемите проекти што ќе се реализираат во наредните неколку години и дека Владата настојува да обезбеди финансиска конструкција и средства за реализација на автопатите кои беа најавени од Кичево до Охрид и од Миладиновци до Штип.

Тој изрази надеж дека ќе се обезбеди и концесионер за делниците од Гостивар до Кичево и од Скопје до Блаце, бидејќи станува збор за патни правци каде што има поголем проток на возила и од тој аспект се поатрактивни за концесија.

Владата ќе продолжи, како што најави министерот, и на реализација на проектите за изградба на регионални и локални патишта.

Патниот правец Радовиш чини 445 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и градежните работи ги извршува „Гранит“ откако е раскинат договорот со претходниот изведувач поради доцнење со роковите (хрватска ИНГРА).