Конференција за шансите и ризиците за инвеститорите во Македонија

Македонија е подобро место за инвестирање споредено со многу позвучни пазари, но треба да се работи и на примена на законите, подобрување на транспортната инфраструктура  и фискалната дисциплина и на државата.

Тоа се дел од оценките  на првите луѓе на компании што членуваат во Македонско-германската стопанско здружение, изнесени денеска пред министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Бил Павлески на конференцијата „Шанси и ризици за странските инвеститори во Македонија“.

Радослав Нановиќ,  генерален директор на ДХЛ Македонија, истакна дека  во последните три години постојат огромни разлики во достапноста на македонскиот пазар за инвестирање во однос на 90-тите години кога почнале со работа. - Домашната работа од аспект на државата во голем дел  е завршено, како во поглед на даночната политика,  така и меѓународните договори, пристапноста, и тоа е сосема во ред, но извесни проблеми се појавуваат во практикувањето на законите на што Владата треба да посвети внимание во иднина, рече Нановиќ.

Фокус на Владата во иднина, смета, треба да биде и развојот на инфраструктурата, бидејќи сите инвеститори сакаат што подобро и поквалитетно  поврзување со пазарите надвор од Македонија за брз проток на стоките. Има простор за унапредување на финансиската дисциплина и кај компаниите и кај државата, нагласен проблем во последните две години, наведе Нановиќ, порачувајќи им на идните инвеститори да бидат подготвени да вложат и во обука на работната сила, затоа што во Македонија не недостигал академски, туку професионален потенцијал. 

Михаел Шмит,  член на УО на Македонско-германското стопанско здружение, информира дека анкетата што ја спровеле меѓу 170 нивни членки покажала оти постои интерес за инвестирање, но дека треба да се работи на подобрување на правната сигурност, ефикасноста на јавната администрација,  траспарентност при тендерите. - Со други зборови што ќе ни  придонесат најниските даноци ако државата не го враќа ДДВ-то, што ќе ни донесе и тоа некој  да добие  регистрација во Централниот регистар или во Судот за четири часа или да добие струја за еден час, ако чека една година за некоја регулатива поврзана со имотите. На тоа можеме да работиме заеднички и мислам дека овие работи не треба да се премолчуваат, туку да се решаваат, порача Шмит.

Генералниот менаџер на Империјал Тобако  за Јужен Балкан  Ричар Парат истакна дека  стабилноста на политичката и економската состојба  придонеле многу да можат да ги планираат своите инвестиции.

- Стабилноста на економското опкружување е една од главните причини за носење одлуки за  инвестиции, наведе Парат.

Министерот Павлески очекува да продолжи трендот на  инвестиции од германски компании во Македонија, по вложувањата на „Дрекслмаер“, „Кромберг и Шуберт“, „ДМ“, ...  Сите заштитни документации во однос на привлекување инвестиции меѓу Македонија и Германија се  потпишани,  има ослободување на двојното оданочување, односно создадени се сите услови за подобрување на соработката и на бизнис климата, наведе Павлески.

Според него, германските, но и останатите европски компании, како резултат на кризата и конкуренцијата на глобално ниво  бараат локации за попродуктивен бизнис по поповолни цени, даночен систем и квалитетна работна сила, а Македонија тоа треба да го искористи.

-Рецесијата во која влезе Македонија е резултат од надворешната криза на европскиот пазар и нормално тоа ќе има некое влијание, но треба да се искористи можноста да ги таргетираме видовите  компании кои во период на рецесија бараат локации кои може да им заштедат да бидат поефикасни во бизнисот. Може да се очекуваат инвестиции од компании од  производствениот сектор, од информатичката технологија и од останати компании што се занимаваат со извоз на производи и услуги, изјави Павлески.