Попоски: Земјите-членки на ЕУ се свесни за постигнувањата на Македонија, дефинитивно заслужуваме формално да ги отпочнеме преговорите

Министерот за надворешни работи Никола Попоски попладнево заврши со билатералните средби во рамки на неговата тридневна посета на Брисел.

 Според планираното, Попоски најпрво се сретна со известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, па со директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија, Стефано Санино, со бугарските европарламентарци Андреј Ковачев, Евгени Кирилов и станимир Илчев и на крајот со Фернандез де ла Пења, извршен директор на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС). Единствено денеска отпадна средбата со претседателот на Комисијата занадворешни работи (АФЕТ) во Европарламентот, Елмар Брок.

Во изјава за МИА по средбите, шефот на македoнската дипломатија изрази задоволство од денешните средби и воопшто од неговата тридневна посета на Брисел со надеж за обезбедување на повеќе пријатели и силна поддршка на Македонија пред декемврискиот Самит на Европскиот совет на кој се очекува да биде прифатена позитивната препорака на Комисијата за отпочнување на пристапни преговори за членство на нашата земја во ЕУ.

- Имавме отворени дискусии со Санино, со директорот за делот на проширување во ЕЕАС, Де ла Пења, како и со европските пратеници со кои се сретнав околу тоа кои се придобивките од придвижувањето на процесот на проширување со сите земји-кандидати и потенцијални кандидати, особено со Република Македонија. Од наш аспект е особено значајно да ги запознаеме соговорниците со сите факти и развојот во делот на реформи кои се значајни, да им објасниме зошто годинава случајот е посилен и тие аргументи за придвижување се навистина посилни за наш влез во формален почеток на преговорите за членство, изјави министерот за надворешни работи по средбите.

Според Попоски, седум години како кандидати, четири години од добивање на првата препорака и фактот дека годинава се постигнати најголем број реформи од претходно во процесот на проширување кој се однесува на Република Македонија, треба да го привлечат вниманието на оние кои носат одлуки во поглед на заклучоците за декемврискиот Самит, особено на земјите-членки и да посветат доволно внимание во услови кога целокупната енергија во Брисел е концентрирана на исклучително драматични досиеја како она во справувањето со должничка криза.

- Не смееме да дозволиме проширувањето како најуспешна политика на ЕУ да биде запоставено и поттиснато од теми кои објективно не засегаат и нас, оти европската криза се одразува и на Македонија, објективен е министерот.

Европските перспективи и очекувањето на добивање на датум за почеток на пристапните преговори беа теми на разговор на министерот на средбите со високите преставници на Европската унија овие три дена. Според Попоски, токму од средбата со Директорот во ЕК, Санино, увидел дека размислувањата кои ги има презентирано Европската комисија преку својата оценка и препораката за отпочнување на преговори се базираат на реални факти и истите треба да бидат земени предвид од страна на сите земјите-членки.

Во случајот на Македонија, особено значење при овие средби на министерот се дало на односите со Република Грција оти пристапот кој нашата држава го гради е дека, според Попоски, очекуваме 27 земји-членки на ЕУ да ја поддржат одлуката за одење напред и формално отпочнување на процесот на преговори за членство во Унијата на нашата земја.

- Низ сите институции на ЕУ што ги посетив овие денови, мислењето е дека земјите-членки во Унијата се свесни за постигнувањата во Република Македонија и дека е недвосмислено оти дефинитивно заслужуваме формално да го отпочнеме процесот на преговори. Но, сметам дека некои политички влијанија ќе бидат од пресудно значење и затоа сакам да ја потврдиме нашата посветеност на фактот дека Република Македонија континуирано испорачува во делот на интеграцијата кон ЕУ, но и дека очекува тие остварувања да бидат одразени во процесот на носење на одлуки кои се однесуваат на нашата земја во однос на Европската унија, заклучи Попоски.

Попладнево, министерот за надворешни работи на Република Македонија се враќа во Скопје, а идната недела се очекува пвоторно да го посети Брисел во рамки на засилените дипломатски активности за обезбедување на поддршка пред самитот на Европскито совет.