Кралев во Брисел договара нови програми за образование и мобилност

Во тридневна посета на Брисел од синоќа е и министерот за образование и наука Панче Кралев, кој е тука заедно со директорот на Националната агенција за европски програми и мобилност Дарко Димитров. Целта е преку билатерални состаноци да отворат нови програми за следната година кои ќе овозможат партиципација на студенти и организации во Република Македонија во рамки на европските програми.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, министерот Кралев веќе оствари средби со директорот на Генералниот директорат за образование на Европската комисија, Јан Трушчински, со евроапрламентарката Дорис Пак, која го води Комитетот за образование во Европскито парламент, и блиц-средба со европратеникот Милан Звер, кој е поранешен министер за образование на Словенија.

Според официјалните информации од делегацијата на МОН во европската престолнина, на средбите со Трушчински и Пак, Кралев го разгледал извештајот за работата на Националната агенција за европски програми и мобилност, како и нацрт-верзиите на работните програми „Доживотно учење“ и „Млади во акција“. Главниот фокус на овие работни програми се достигнувањата од 2012 година, активностите планирани за 2013 година и подготовките за преминот во новата програма за 2014-2020 година. Буџетот достапен за 2013 година е веќе соопштен на претставниците на Генералниот директорат за образование и култура и покажува значително покачуање во согласност со отворените постапки за Подготвителната фаза.

- Побарав поддршка од денешните соговорници за апликациите за отворањето на новите две програми - „Еуропас” и „Еуродици”. Овие две програми ќе им овозможат  на нашите студенти да имаат поголем пристап до можностите за финансисрање кои ги нуди Комисијата, односно ЕУ и ќе овозможат за дополнителна мобилност на студентите од аспект на размена на студенти и нивен престој во рамки на институциите во Унијата, изјави минситерот Кралев за МИА по денешните рбаотни состаноци.

Инаку, спроед информациите, Националната агенција за европски програми и мобилност во Република Македонија успешно ги имплементирала активностите предвидени до 15 ноември 2012 година, при што вкупниот достапен буџет за пилот-проектите на програмите „Доживотно учење“ и „Млади во акција“  изнесува милион и пол евра, од кои за програмата „Доживотно учење“ се доделени 110 грантови со вкупна вредност од 1.054.761 евра, додека за програмата „Млади во акција“ доделени се 21 грант со вкупна вредност од 286.475 евра. Во тек е евалуација и селекција на дополнителни апликанти на кои ќе им бидат доделени грантови до крајот на годината.

Според Кралев, следните два дена во план е посета на Универзитетот во Лувен и Универзитетот во Гент со единствена цел да се разгледа можноста за нивна соработка со македонските универзитети, како и можноста наши студенти во иднина да имаат дополнителна можност за студирање преку обезбедување конкретна финансиска поддршка на овие два универзитети.

- Сите инструменти кои ги овозможува Национална агенција за мобилности и национални програми, таа ги прави преку средствата на ЕУ и ЕК. Тука нема директна партиципација на владини институции. Но, ако договориме евентуална соработка со универзитетите во Белгија, тогаш би имало можност и за помош од Министерството за образование и наука. Станува збор за два исклучително реномирани универзитети во европски рамки кои континуирано се меѓу првите во Европа во научно-истражувачка дејност и во рангирањата, додаде Кралев.