Меѓународен камп за мобилни апликации и бизниси

Обуки за креирање мобилни апликации, како за нив да се најдат инвеститори и да станат профитабилни, нуди Првиот меѓународен камп за мобилни апликации и бизниси, што се одржува од денеска во Скопје, во организација на Фондацијата Претприемачки сервис за млади и во соработка со Swedish Trade Council.

Над 100 млади програмери од Македонија, Балканот и од Централна Европа, низ технички и бизнис дел, со помош на ментори, работат на апликативни решенија што би можеле да бидат успешни на глобалниот пазар.

- Преку  техничкиот дел ќе се покријат сите главни платформи за мобилни апликации, андроид, виндовс, блекбери,  а на бизнис делот акцентот  ќе биде ставен на кој начин  младите претпримачи од светот  на мобилните апликации да привлечат инвеститори, што во принцип е и најтешката работа. Значи не е толку проблем како да ја направиш апликацијата, туку како да ја продадеш, промовираш и сето тоа да биде успешно надвор од Македонија, изјави Љупчо Деспотовски, претседател на ПСМ Инкубатор. 

Покрај од домашните, посочи, има неочекуван интерес од странство, од 80-ина посетители не само  од балканските земји, туку од Украина, Русија, Белорусија, Шведска. Се надеваме дека овие млади луѓе  на крај ќе излезат со барем 50-ина апликации  кои нема да бидат локално наменети, туку ќе понудат  решенија што ќе бидат успешни на глобалниот пазар, истакна Деспотовски.

За  потенцијалите  од развојот на мобилни апликации пред младите програмери говореше министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Тој им порача да ги искористат неограничените потенцијали на апликациите, да бидат упорни во креирањето на производите бидејќи, како што рече, и најкористените апликации доживеале успех на пазарот по развивање на повеќе верзии.

Според Ивановски, со оглед на неограничениот потенцијал за создавање апликации Владата преку Министерството за информатичко  општество и администрација го спроведува  концепотот на отворено владино партнерство за отворање  на податоците за да може поголем број корисници  да креираат апликации што ќе имаат додадена вредност во економијата. - Во Европската унија додадената вредност со отворањето на податоците и креирањето апликации само во минататата година направи заштеди од  40 милиони евра, а вкупниот обрт на реискористување на тие податоци изнесуваше 60 милијарди  евра. Значи потенцијалот е неограничен и останува на креативноста, иновативноста и соработката што ја нудиме  како Влада да ги отвориме сите податоци што се од отворен  карактер за да можат граѓаните и претприемачите да ги  икористат тие апликации и да создадат нешто ново во Македонија, изјави Ивановски.

Најголем потенцијал, појасни,  постои во регистрите што  секојдневно се користат од граѓаните. Но, и во секојдневните случувања на граѓаните  има податоци од кои може да се направат апликации за да ни го олеснат животот. Таква на пример беше апликацијата во Центарот за  управување со кризи каде што секојдневно преку апликацијата  можете да добиете информации каде има пожари, поплави, земјотреси, прекин на струја...., наведе министерот за информатичко општество и амдинистрација.