Семинар за трговската и економската соработка меѓу Република Македонија и СР Виетнам

Министерството за надворешни работи на Република Македонија во соработка со Амбасадата на Социјалистичка Република Виетнам, денеска во Скопје, организираше Семинар за можностите за трговска и економска соработка меѓу Македонија и Виетнам.

На Семинарот, на кој учествуваа бројни стопанственици од двете земји, свое обраќање имаше министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, кој се осврна на можностите во сферата на економијата и туризмот, што треба да бидат ефикасно искористени.

Притоа, нагласи дека овој семинар претставува можност стопанствениците од Република Македонија одблиску да се запознаат со економијата на СР Виетнам како и за воспоставување деловни контакти за пробив на динамичниот и голем 90-милионски пазар.

Министерот Попоски, воедно ги презентираше инвестиционите можности, водењето бизнис и функционирањето на економските зони во Република Македонија.

Амбасадорот на Социјалистичка Република Виетнам Н.Е Le Duc Luu, нагласи дека неодамнешната посета на МНР Попоски на СР Виетнам е позитивен чекор во насока на воспоставување поголема економска соработка меѓу двете земји, истакнувајќи дека постои неискористен трговски и туристички потенцијал што треба да претставува натамошен поттик за бизнис заедниците од двете земји.