Педесет доктори од САД во Македонија ќе едуцираат и ќе воведуваат нови методи

До крајот на годинава 50 врвни доктори од САД ќе престојуваат најмалку една недела во Македонија, ќе работат заедно со нивните македонски колеги, ќе вршат едукација, ќе пренесуваат знаења и вештини и ќе помогнат за воведување нови методи. На тој начин ќе помогнат да се унапреди нивото на знаења и вештини на лекарите во Македонија, како и методите кои тие сега ги користат. Доаѓањето на оваа група на доктори е во рамки на еден од позначајните проекти кои Министерството за здравство ги спроведува изминатиот период.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека во моментов во Македонија престојуваат 12 доктори специјалисти од кои четворица педијатри, двајца од областа на васкуларна хирургија, двајца анестезиолози, специјалист по детски болести, кардиолози и абдоменална хирургија. Посочи дека од нив, васкуларниот хирург Стивен Вебер ќе престојува еден месец, а двајцата доктори Пол Бартон, анестезиолог и Кимберли Бартон, педијатар ќе престојуваат една година во Македонија.

- Во октомври се предвидува да дојдат 16 доктори од кои шест се дел од траума тимот односно абдоменален хирург, трауматолог, тројца доктори од Итна медицинска помош (ИМП) и еден неврохирург, како и педијатар, кардиолог, невролог, дерматолог, радиолог, специјалист по оториноларингологија, офталмолог, гинеколог и двајца пластични хирурзи. Посебен фокус ќе има на траума тимот кој ќе врши обука на сите македонски лекари кои работат во делот на ИМП и траума, рече Тодоров.

Во текот на ноември и декември, нагласи министерот, ќе дојдат уште 22 доктори специјалисти од областа на нефрологија, патологија, онкологија, семејна медицина итн. во повеќе здравствени установи во државата.

- Во рамки на оваа група доктори, престојуваат и петмина доктори кои во моментов се тука, со долгогодишно искуство во врвни установи во областа на аутизмот. Покрај едукативни предавања докторите ги посетуваат Клиниката за детски болести, Заводот за ментално здравје, Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, каде практично ги следат пациентите со цел да придонесат во унапредување на нивниот третман. Тие одржуваат предавања и советувања на родителите на деца со аутизам во Македонија, потенцира Тодоров.

Појасни дека сите доктори работат со докторите главно на универзитетските клиники, во Градската општа болница „8 Септември“, како и во клиничките болници во Штип, Битола и Тетово.

- Изминатите две години повеќе од 60 специјалисти од САД престојуваат во Македонија преку овој проект, а очекуваме дека во наредниот период овој број постојано ќе се зголемува, имајќи предвид дека до овој момент околу 200 специјалисти од САД имаат изразено интерес да престојуваат и работат со нивните колеги во Македонија. Овој проект има за цел сериозно да влијае на подигнување на нивото на квалитет на здравствени услуги, да овозможи воведување нови методи, унапредување на знаењата и методите кои сега се користат во јавното здравство во Македонија, истакна Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање укажа дека подигнато е нивото на квалитет во здравствените установи, има нови методи кои се воведени на повеќе клиники, но се унапредени и нивото на знаења и вештини на докторите.