Македонија и Мароко потпишаа Договор за соработка во културата

Договор за соработка во културата  меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Кралството Мароко беше потпишан денеска во Министерството за култура. Тој е во насока да ги  унапреди културните врски меѓу Македонија и Мароко и нивните народи. Го потпишаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорката на Кралството Мароко за Македонија Латифа Акарбах.

Со Договорот се отвора можност марокански уметници и институции да гостуваат на домашните фестивали, но и  македонски проекти да учествуваат во таа северноафриканска земја.

- Досега сме немале некои заеднички проекти во културата и затоа се потрудивме да го направиме овој договор, се со цел да се востанови плодна и интензивна соработка, зашто културата спојува и поврзува.  Убедена сум дека договорот ќе востанови институционална рамка за соработка  на нашите институции од областа на културата со институциите од Кралството Мароко за да реализираме голем број значајни културни настани, да размениме проекти и соработка на нашите уметници, рече Канческа-Милевска.

Нагласи дека разговарале во 2017 година со заеднички културен настан да се одбележат 15 години дипломатски односи меѓу двете земји. - Веќе разговаравме за тој значаен јубилеј и од наша и нивна страна ќе бидат предложени неколку проекти, додаде министерката за култура по потпишувањето на Договорот.

Мароканскиот амбасадор надлежен за Македонија, а со седиште во Софија, Латифа Акарбах, истакна дека инвестциите во културата се најдоброто што државите може да го направат затоа што со тоа ги зближуваат луѓето, ги прават поблиски, овозможуваат нивно подобро меѓусебно разбирање и запознавање. Ги покани македонските уметници да ги посетат фестивалите во Мароко, а за потпишаниот договор рече дека е мост што ќе ги зближи двете нации.

- Во денешниот глобален свет културата постојано се менува и е многу важно културните разлики меѓу луѓето да бидат премостувани. Затоа, овој документ е од особена важност за двете држави зашто придонесува за размена на уметници, научници, луѓе од културата и луѓе кои го менуваат светот. Инвестирањето во културата е и инвестирање во меѓусебното разбирање на различностите. Сакам да искажам восхит и почитување на Владата на РМ што успева да ги обединува луѓето од различни култури, како што во нашата монархија се обединети  различни луѓе. Мароко ја има таа среќа да излегува на океанот и на Медитеранот, има 34 милиони луѓе, но не е важна големината на државите и нивниот број на жители, туку е најважно државите да имаат влади со политичка волја и низ  дијалог и соработка да ги решаваат сите отворени прашања, истакна амбасадорката на Мароко.

Стипендирањето и размена на студенти и размената на документарни филмови ги издвои како конкретни области во кои соработката може најбрзо и најмногу да се продлабочи.