Средба на министерот Попоски со Ендрју Бејкер, висок претставник на Американско-еврејскиот комитет

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска го прими Ендрју Бејкер, директор за меѓународни еврејски прашања при Американско - Еврејскиот Комитет, со седиште во Њујорк.

Министерот Попоски го информираше соговорникот за актуелните стратешки приоритети во внатрешната и надворешна политика на Владата на Република Македонија, како и за интересот на нашата држава за градењето на добрососедски односи и определбата за трајна стабилност, безбедност и напредок на сите земји во Регионот, со јасна перспектива за негова целосна европска и евроатлантска интеграција.

Соговорниците ставија посебен акцент на билатералните односи и соработката на Република Македонија со Соединетите Американски Држави и со Израел.

Воедно, беа разменети мислења за актуелните состојби и очекувањата за развој на ситуацијата на Блискиот Исток, во контекст на последните судири во појасот на Газа.

Министерот Попоски го истакна интересот за продолжување на успешната соработка на Владата на Република Македонија со Американско - Еврејскиот Комитет, со кој што споделуваме заеднички визии за мир и безбедност, демократија и просперитет на глобално ниво.