Средба на Министерот за дигитална трансформација, Андоновски со Амбасадорката на САД, Н.Е. Анџела П. Агелер

Во Министерството за дигитална трансформација денеска министерот Андоновски оствари работна средба со Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Н.Е. Анџела П. Агелер. Средбата се одржа во духот на зајакнување на билатералната соработка во областа на дигитализацијата, сајбер безбедноста и технолошкиот развој.

Во фокусот на разговорот беше претстојниот Дигитален самит на Западен Балкан, кој ќе се одржи во октомври 2025 година во Скопје, а на кој ќе учествуваат високи претставници од владите на земјите од регионот, меѓународни партнери, како и претставници од приватниот сектор.

Министерството ја истакна силната и континуирана поддршка од САД во процесот на дигитална трансформација на Македонија, како и важноста на заедничките активности што придонесуваат за унапредување на инфраструктурата, јакнење на безбедноста и економскиот развој.

„Оваа средба претставува значаен чекор напред во нашите заеднички заложби за дигитална иднина. Благодарни сме за партнерството со САД, кое е клучно за унапредување на реформите и градење на инклузивна и одржлива дигитална економија,“ изјави Андоновски.

Дигитализацијата останува еден од стратешките приоритети на Владата на Република Македонија, а соработката со нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави претставува важен двигател на напредокот во оваа област.