Клиничката болница во Штип со нови апарати и 50 нови вработувања

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска заедно со Ален Георгијев, директор на Клиничката болница во Штип, го промовираа новиот видео-ендоскоп за гастроскопија и колоноскопија,  вреден 100 илјади евра. Овој современ апарат го набави Министерството за здравство, а е наменет за пациентите од Штип и околните места. Покрај едноскопот, оваа болница има 10 нови кревети со пациентмонитори и инфузомати и перфузори во коронарната единица, но и нова центрифуга машина во Клиничката лабораторија. Набавен е нов екстензионен стол за ортопедски и трауматолошки операции.

Директорот Георгијев, го информираше министерот Филипче и за другите новости во оваа Клиничка болница и додаде дека за првпат после 50 години, болницата доби нови машини за перење и сушење на алишта.

„Многу сум задоволен од тоа како се развива оваа Клиничка болница. Приоритет на Министерството е обнова и реконструкција на посточките капацитети, но и набавка на нови апарати, што тука во Штип очигледно добро се спроведува. Со големо задоволство им честитам на 50-те нововработени лекари и здравствени работници во оваа болница“,  изјави министерот Филипче.

Оваа Клиничка болница е голем регионален медицински центар и ги опслужува пациентите од речиси целиот регион од Источна Македонија.