Учество на МНР Димитров на состанокот на Министрите за надворешни работи во рамки на Берлински процес, во Варшава

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес, се обрати на пленарната сесија со работен наслов „Актуелната состојба и цели кои треба да се постигнат во билатералните односи”.

На состанокот, со кој претседаваа полскиот МНР Чапутович и германскиот МНР Мас, главниот акцент беше ставен на добрососедските односи и размена на ставови и искуства во однос на продлабочување на регионалната соработка и решавање на отворените билатерални прашања, како и размена на добри практики во тој контекст.

Оттаму, воведно обраќање на сесијата имаше МНР Никола Димитров, кој се осврна на двата клучни договори со кои Република Северна Македонија ги затвори сите билатерални прашања со соседите, истакнувајќи ги Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Преспанскиот Договор со Грција како историска пресвртница во билатералните односи во Регионот, со кои се отвора можноста за развој на искрено партнерство, базирано на поддршка и соработка, во сите сфери од кои главен бенефит ќе имаат граѓаните.

МНР Димитров: „Не само што во Бугарија и Грција добивме пријатели кои искрено не’ поддржуваат и застапуваат за нашата европска интеграција, туку овие Договори се првенствено корисни за реализирање на се’ она што е од суштинска важност за сите засегнати - инфраструкурно поврзување, но и општествено, културно, економско. Балканот покажа дека знае да се однесува европски и да создава иднина.”

На работниот ручек во рамките на состанокот, од страна на домаќинот беа презентирани плановите и целите за претстојниот Самит на Берлински процес кој ќе се одржи во Познан на 5 јули оваа година, за кој Министрите за надворешни работи ги изнесоа своите очекувања во однос на предизвиците и можностите за земјите од Западен Балкан.

На маргините од состанокот, МНР Димитров оствари средба со германскиот МНР Хајко Мас и со италијанскиот заменик МНР, Емануела Клаудиа Дел Ре. На средбите Димитров потенцираше дека Северна Македонија недвосмислено заслужи одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ, што ќе значи зацврстување на нашиот заеднички успех и добра вест не само за нашата држава, туку и за регионот и за самата ЕУ.

Во рамки на Косовското претседавање со Фондот за Западен Балкан, во Варшава беше одржана и министерска Коференција на земјите учеснички во оваа регионална иницијатива,  на која беа разгледани можностите и начините за ефективна употреба на придобивките од Фондот за Западен Балкан.

Вчера, во Претседателската палата, во рамките на министерскиот состанок на МНР за Берлински процес, МНР Димитров учествуваше на работна вечера под покровителство на Претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, на која се зборуваше за младите од Западен Балкан и предизвиците со кои тие се соочуваат, во контекст на Европската унија, со акцент на Регионалната канцеларија за млади (RYCO).

Тој исто така, присуствуваше на седницата на Сенатот на Република Полска, на која беше изгласана согласност за Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО. По седницата, МНР Димитров беше примен во куртоазна средба од страна на Маршалот на Сенатот на Република Полска, Станислав Карчевски, на која беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и се разговараше за можностите за интензивирање на парламентарната соработка.