Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на својот домаќин, словенечкиот премиер Марјан Шарец, денеска ја поздравија работата на Бизнис форумот, што како составен дел од програмата на дводневната официјална посета на делегацијата на Владата на РСМ на Република Словенија се одржа во Љубљана.
На Бизнис форумот, со кој претседаваа претседателите на стопанските комори на двете земји, Бранко Азески и Боштјан Горјуп, во присуство на министриод двете влади, на амбасадори, и на претставници на компании од Северна Македонија и Словенија, премиерот Заев на почетокот нагласи дека интересот на бизнис заедниците им даваат на политичарите надеж дека извонредното пријателство меѓу двете земји ќе расте повеќе бидеји бизнисмените се вистински мост на економската, а со тоа и на севкупната соработка меѓу овие пријателски земји.
„Вие ни помагате во унапредувањето на нашата економија и сите наши аспекти на унапредување на квалитетот на животот уште од поранешна Југославија. Уште тогаш Словенија беше наш најголем пријател. И денес, кога ќе се види словенечки производ во Северна Македонија тоа е доказ за потврдено, за проверено. Кога ќе се каже словенечка инвестиција и словенечки изведувач кој добил тендер, нашите граѓани се сигурни дека квалитетно ќе биде завршена работата, дека чесно ќе се работи и ќе биде придонес за сите“, порача премиерот Заев пред бизнисмените од двете земји.
Тој потсети дека од претходниот Бизнис Форум во Скопје, одржан во Скопје, извозот од Словенија кон Северна Македонија е зголемен за 15 проценти, а извозот од Северна Македонија кон Словенија е зголемен за 10 проценти.
„Верувам дека и денеска она што ќе го разговараме, ќе го поттикнеме, ќе даде нови можности. Ваша работа е да создавате профит, а нам ни помагате во политиката со раст на БДП, со нови работни места и со раст на извозот, увозот и севкупната трговија“, истакна премиерот Заев и потенцираше дека Словенија несебично го пренесува знаењето, позитивните практики, позитивните искуства во економијата.
Претседателот на Владата на РСМ Заев потоа говореше за условите за правење на бизнис и упати зборови на охрабрување и мотивирање на компаниите да се фокусираат кон Северна Македонија.
„Во нашите технолошки индустриски развојни зони за вашата инвестиција имате таканаречени „такс холидејс“, или 10 години даночно ослободување од данок на добивка и 10 години даночно ослободување од персоналниот данок на плата. Инвестицијата може да добие стимул директно од буџетот сé до 50% од вкупната инвестиција, ако вложите 10 милиони евра, 5 милиони евра преку даночните олеснувања и директно од Буџетот можете да ги повратите. Бенефициите се големи заради тоа што на Северна Македонија и треба раст на економијата, нашиот бруто домашен производ е 11 милијарди евра, а ние сме слични како Словенија. Нашиот извоз е 6,5 милијарди евра, ако направите споредба со Словенија ќе ви стане јасно зошто сакаме да станеме како Словенија, затоа што вашите бројки навистина се еден убав таргет кон кој што ние тежнееме“, нагласи премиерот Заев.
Тој ги повика потенцијалните инвеститори од Словенија, доколку се двоумат, да ги консултираат нивните колеги кои веќе имаат инвестиции во Северна Македонија.
„Вашата компанија Таб-Мак влегува со нова инвестиција од 25 милиони евра и со нови 100 работни места. Наша цел, исто така, е пласманот на здрава храна, за која овде во Словенија има огромен интерес. Јас и премиерот Шарец, нашите министри сме тука да ви служиме, да ви бидеме ваша асистенција за да може вие да се посветите на профитот. Ние ќе ги отклонуваме сите административни проблеми на патот на вашата инвестиција, бизнис и профит. Зборувам вака за да оставам впечаток дека ако бирате втора татковина каде да го пласирате вашиот капитал или економски фокус, изберете ја Северна Македонија заради тоа што сме навистина искрени пријатели“, истакна премиерот Заев на Бизнис форумот на стопанствениците од Северна Македонија и од Словенија, и додаде дека двете земји се стремат сегашната трговска размена од 300 милиони евра, наскоро да ја зголемат на 500 милиони евра.